Покрај Германија, Ирска, Норвешка, Швајцарија и другите богати европски земји кои се популарни за живеење поради подобрите услови за работа и подобрите услови за живот, има и некои нови неоткриени бисери.

Имено, Ана од Италија за порталот Expat.com го сподели своето искуство од живеењето во Албанија. Таа тврди дека има многу предности во живеењето во таа земја во однос на претходниот живот во Италија. За време на краткиот одмор во Драч во ноември 2021 година, таа, нејзиниот сопруг и синот биле воодушевени од албанскиот град. Помалите животни трошоци и подобар квалитет на живот во споредба со Италија биле клучните причини за преселба, пренесува Вечерњи лист.

Откако добро размислиле, решиле на овој радикален чекор, ги истражувале работните места во Албанија и решиле да се преселат на крајот на декември. Тие одлучиле да го сторат тоа поради економските можности што ги донесе пандемијата на коронавирус. Ана работела во администрација во Италија до 2015 година, но останала без работа, а потоа имала привремени вработувања, меѓу кои и работа во старечки дом. Таа не можела да најде ништо со полно работно време.

Охрабрени од ситуацијата, таа и нејзиниот сопруг, кој е ИТ претприемач, размислувале да се преселат во Албанија, каде има пониски трошоци за живот. Покрај благата клима, Драч ги привлекувал и со својата природна убавина и поволната положба покрај морето. Откако се преселиле, Ана нашла работа за една недела. Разговарала со познаник и добила понуда за административна работа во албанска компанија која има бизнис со Италија, што и олеснило да започне благодарение на познавањето на јазикот и претходното искуство.

Таа посочува и дека трошоците за живот се многу помали – на пример, киријата за стан од 100 квадрати е од 200 до 350 евра, додека во Италија би била најмалку 700 евра. Трошоците за струја и вода во Драч се движат од 80 до 100 евра месечно, а свежата храна е поевтина и повкусна. Ана работи од 8 до 16:30 часот, со пауза за ручек. По враќањето дома има време за себе и за семејството.

Уживаме да шетаме низ градот и плажата, а во лето истражуваме и други делови од Албанија“, вели таа.

Иако во компанијата користи италијански, сепак решила да научи албански и англиски јазик. Признава дека не очекувала животот да и оди во овој правец, ѝ недостигаат блиските пријатели од Италија, но не жали за ништо.

„Драч е одлично место за пензионери – дури и со помал приход, можете да уживате во квалитетен живот“, вели таа.

Таа, сепак, додава дека платите генерално не се високи, но оние кои започнуваат сопствен бизнис или работат за меѓународни клиенти можат добро да заработат.