Младиот брачен пар Ердован и Емине Исламоски од прилепско Канатларци се пример за вредни земјоделци кои домаќински работат на својот имот и постигнуваат резултати во Македонија.

Тие годинава сработија близу 15 тони тутун од 60 декари површина, објави порталот Зелена берза. Ердован вели дека веќе предале над 9 тони тутун и се подготвени да го допредадат целиот род. Тој е задоволен од годинешната реколта и вели дека се постигнале заедно со Емине, која и покрај тоа што се грижи за двете деца, е десна рака на сопругот и го следи во чекор и во земјоделското производство.

– Предадовме на откуп 9 тони тутун и речиси 90 проценти го носиме во Сокотаб. Задоволни сме од цената која вкупно со субвенциите од државата ќе достигне 500 денари за килограм. Годинава многу сме задоволни од родот, произведовме многу квалитетен тутун. Јас и мојата Емине со помош од татко ми Беџет Исламоски годинава ја постигнавме целта во производството. Во споредба со другите земјоделски култри кои ги произведуваме тутунот е најисплатлив, вели Ердован.

Во производството на тутунот имале и трошоци за наемни работници.

-За берење на тутунот ангажиравме работници и по тој основ исплативме над 20.000 евра, како и други трошоци, вели Исламовски.

Неговото семејство годинава сработило и 900 декари со пченицата.

Извор: Зелена берза