Кина сака отворена, зелена и чиста соработка со „нулта толеранција за корупција“ внатре во иницијативата „Појас и пат“, порача денеска кинескиот претседател Си Џинпинг на отворањето на Форумот во Пекинг посветен на таа иницијатива, на кој присуствуваат повеќе десетици светски лидери.
Си истакна дека иницијативата не е „ексклузивен клуб“ и промовира „заеднички развој и просперитет“, што потврдува и фактот дека ја поздравиле земјите од Азија преку Африка до Блискиот Исток и Европа, како иницијатива за јакнење на трговијата, изградба на патишта, пристаништа и други инфраструктурни проекти.
Тој изјави дека Пекинг сака да го прошири опсегот на иницијативата, со тоа што ја зајакнува соработката во областа на здравството, земјоделството и технологијата, а вети и стипендии за студенти од земјите кои припаѓаат на „Појасот и патот“.
Рускиот претседател Владимир Путин на церемонијата на отворањето на Форумот „Појас и пат“ во Пекинг истакна дека идејата на Си за поврзување на оваа иницијатива со други меѓународни интеграции, целосно е согласно плановите на Евроазиската економска унија (ЕАЕУ).
Се наведува дека Путин порачал оти оваа унија, во која партнери на Русија се Ерменија, Белорусија, Казахстан и Киргистан, тежнее кон поширока соработка со сите заинтересирани држави и иницијативи за здружување, пред се со Кина, потсетувајќи дека договорот на ЕАЕУ за трговско-економска соработка со Пекинг ќе стапи на сила во следните месеци.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш изјави денеска во Пекинг дека иницијативата „Појас и пат“ нуди шанса за промена на ефектите од климатските промени.
Гутереш во својот говор ја пофали одлуката на Кина во 2017 година да вложи повеќе од 125 милијарди долари во обновлива енергија, нагласувајќи дека Пекинг одиграл клучна улога за договорот кој минатата година е постигнат на конференцијата на ОН за климата во Полска.