Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа оставка од собранискиот спикер Талат Џафери кого денеска го пречекаа со транспаренти.
Пратениците од прес-салата на Собранието ги истакнаа транспарентите, кои беа насочени кон Џафери.
„Ароганцијата и забеганоста немаат нација, но имаат име и презиме: Талат Џафери! Бегај бе таму, хеј сус! Маму ви е*ам!“, беше еден од транспарентите во Собранието.
Џафери тврди дека собраниските служби не си ја работеле својата работа, па затоа употребил навредливи зборови.
-Ако некој смета дека треба работното време да го мине на ул. Македонија, сметам дека тоа не му треба на Собранието, ниту на граѓаните. Тие треба да се на своите работни места осум часа, изјави Џафери на брифинг со новинарите.
Спикерот рече дека службите направиле грешка и ако тој не забележал, тоа ќе значело враќање на седницата од почеток.
-Не чувствувам потреба дека треба да се извинам за случајот, додаде Џафери.
Тој, на денешниот брифинг пристигна со секретарот на Собранието, Цветанка Иванова, но и покрај барањето на новинарите и таа да даде објаснување за случајот, собранискиот спикер Џафери не и дозволи, бидејќи брифингот бил негов.
Џафери денеска ја промовираше и новата комуникациска опрема за сала Македонија со што од утре седниците повторно ќе се одвиваат во таа сала.