Пратениците во Собранието денеска треба да расправаат по предлог законските измени на Изборниот законик, по скратена постапка, со кои, освен имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР се врши и допрецизирање на одредбите во однос на регистрацијата на гласачите со отстранување на ограничувањата врз основа на истечени документи за идентификација, така што ќе се овозможи избирачите да може да гласаат со лична карта или патна исправа чија што важност истекла во периодот од 9 (девет) месеци до денот на одржување на изборите.
Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, вчера изјави дека партијата го поддржува предлогот граѓаните кои имаат лични документи со старото име нa државата да можат да гласаат, посочувајќи дека не го знае точниот број, но дека се работи за бројка од околу 100 илјади граѓани на кои мора да им биде обезбедено право да гласаат на изборите.
– Ќе поддржиме и веќе се разговара. Работните групи кои работат на Изборниот закон уште од крајот на минатата година работат на решение да има одредба со кој ќе се дозволи на секој граѓанин да го оствари своето гласачко право, истакна Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на винаријата Брзанов.
Во однос на бројот на граѓани кои не поседуваат лични документи рече дека не може да каже точен број, но дека мора да им се обезбеди право да гласаат на изборите.
-За точниот број на граѓани може да го кажат тоа во ДИК и МВР, но се работи за бројка од околу 100 илјади граѓани на кои мора да им биде обезбедено право да гласаат на изборите, посочи тој.
Техничкиот премиер Талат Џафери вчера изјави дека МВР ја интензивирало динамиката во однос на вадењето лични документи со новото име и според него ако оваа динамика продолжи, до изборите оние граѓани кои немаат документи со новото име тоа би можеле да го завршат до почетокот на изборите.
-Статистиките, кои што дадов задача, да се прават на дневна основа со податоци од МВР зборуваат за следново. Од 1. јануари до 29 февруари 2024 година вкупно за патни исправи – пасоши има 123.983 барања , од кои изготвени се 95.267. Ова е показател за динамиката на работа, за еден месец од 124.000 издадени се 92.002 патни исправи. За лични карти примени се 82.235 барања, од кои се изготвени 71.410. За возачки дозволи примени се 46.280 барања, од кои се изготвени 39.552. Имајќи предвид дека има уште 50 дена до изборите со оваа динамика, стоте илјади граѓани кои немаат документи, што се појавува како информација, во текот на март месец можат сите да се опремат со соодветни документи, но првенствено и самиот граѓанин треба да го иницира барањето. За да имате документ треба вие да побарате, изјави Џафери.
Тоа е процедурата, посочи Џафери, појаснувајќи дека ако евентуално дојдеме во ситуација определен број на граѓани тоа да го немаат, наша обврска е да излеземе со соодветна одлука што и како да постапиме.
На дневен ред на денешната 147. седница на Собранието, се две точки – Предлог на закон за дополнување на Законот за високото образование и Предлог на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, и двете по скратена постапка.
Предлог изменување и дополнување на Изборниот законик се поднесени од пратениците Арбер Адеми (ДУИ), Мартин Костовски (СДСМ) и Никола Мицевски (ВМРО-ДПМНЕ).
Во предлог текстот, се вели дека предложеното законско решение е во насока на подобрување на изборниот процес и обезбедување на еднакво, демократско и слободно избирачко право.
– Преку предложените законски измени се имплементираат препораките на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР нотирани во конечните извештаи за изборите во државата во изминативе години и тоа препораки во делот на законската рамка, постапката на приговор и жалбената постапка за заштита на избирачкото право, набљудувањето на изборите регистрацијата на гласачи, изборната кампања, финансисрањето на капањата, медиумско преставување во изборниот процес. Овие препораки и нивното имплементирање се со цел да подобри спроведувањето на изборите во државата и да се поддржат напорите за нивно целосно усогласување со заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, стои во предлог текстот.
Со предлогот на законот се воведува Центар за континуирана едукација во Државна изборна комисија со која се обезбедува континуирана обука за изборната администрација, гласачите, учесниците во изборниот процес, овластените претставници на подносителите на листи, медиумите, набљудувачите на изборите и сите заинтересирани кои на било каков начин имаат учество во изборите. Понатаму, измените се во насока на подобро функционирање на изборната администрација односно редовно ажурирање на базата на податоци на државните и јавните службеници што се користи за селекција на изборните службеници, со цел да се обезбеди непречен и ефикасен процес на селекција.
Фото: МИА архива