За 10-те милиони евра од ЕБОР заемопримач ќе биде ЈСП, Град Скопје ќе издаде општинска гаранција, а Република Македонија ќе издаде државна гаранција. Рокот за отплата на заемот е 10 години, со вклучен грејс-период од три години. Каматната стапка е варијабилна и изнесува шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од еден процент.
Министерот за финансии Драган Тевдовски соопшти рече дека законот е дел од програмата на Владата за сообраќај и предвидува промовирање на употреба на гасни горива од типот природен гас и пропан бутан, а целта е и да се стимулира јавниот и организиран превоз во Скопје.
-Набавката ќе овозможи обнова на возниот парк на ЈСП „Скопје“, кое во моментот работи со возен парк скап за одржување и значително придонесува кон загадување на животната средина. Со предвидената набавка се планира да се набават нископодни автобуси кои работат на компримиран природен гас, со голема економска исплатливост и еколошка предност во однос на карактеристиките на постојните автобуси. Набавката ќе придонесе за подобрување на квалитетот и пристапот до јавниот превоз, а пред се, до значително намалување на трошоците за гориво и одржување и понатамошоно унапредување на практиките за заштита на животната средина, рече Тевдовски.
Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред донесувањето на законот соопштија дека ќе гласаат за него затоа што сметаат дека квалитетен јавен превоз им е потребен на граѓаните на Скопје, но укажаа дека Владата треба да води подеднаква грижа и за жителите надвор од Скопје и да набави нови автобуси особено за поголемите градовите со голема загаденост.