Комисијата за здравство прифати задолжително носење маска на отворено, задолжителна самоизолација на тие што чекаат тест за коронавирус, забрана за групирање на јавен простор и други мерки, но ја одби мерката за прием само по 4 гости во домовите што беше предлог на пратениците од власта.

СДСМ и министерот за здравство, Венко Филипче се повлекоа од предлогот да се забранат собири и групирања во домовите со што ќе се овозможеше полицијата да интервенира по приватни станови и куќи без судски налог.

Власта се откажа од оваа идеја откако опозицијата реагираше дека ваквиот предлог е неуставен.

Комисијата за здравство ги помина и останатите амандмани со кои се предвидуваат казни за тие што ќе ги прекршат мерките, но и рокот во кој Владата ќе треба да донесе подзаконски акт со кој ќе ги додефинира здравствените мерки и протоколи за справување со ковид пандемијата.

Овие амандмани заедно со владините измени за зголемени надлежности на инспекциските служби во законот за заштита на населението од заразни болести вечерва ќе се најдат на пленарната седница.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе присуствуваат на седницата.