Собранието го усвои дневниот ред на 34-тата седница откако беше дополнет со неколку предлози за измена на закони по скратена постапка, но не продолжи со расправа по точките од утврдениот дневен ред туку со прашања од опозициски пратеници.
Беа усвоени предлозите на ВМРО-ДПМНЕ по скратена постапка да се разгледуваат предлозите за измени и дополнувања на: Законот урбанистичко планирање, Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Законот за поштенски услуги, Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, Законот за Народен правобранител и измени на Законот за работни односи.
Поддршка не доби предлогот на Левица за дополнување на Законот за пратеници, по скратена постапка, со кој оваа пратеничка група бара ограничување на патните трошоци на пратениците.
Како што образложи пратеникот Амар Мециновиќ, тие нудат „рационална и конструктивна равенка“, според која пресметката на патните трошоци ќе биде јасно дефинирана односно 6,5 литри гориво на поминати 100 километри.
Мециновиќ рече дека ваков закон е „насушно потребен бидејќи јавноста долго го артикулира овој проблем и тој директно влијае врз достоинството на Собранието, пратениците и политичкиот систем“. Со неговото усвојување, како што рече, ќе се врати довербата во Собранието и неговото достоинство.
Откако не доби поддршка предлогот, се огласи и лидерот на Левица, Димитар Апасиев, со порака на Фејсбук.
– ДПМНЕ не го изгласа предлог-законот на Левица за намалување на патните трошоци на пратениците! Честито нови милиони евра, колеги патриоти. Со здравје да си ги трошите, напиша Апасиев.
Пред гласањето на дневниот ред не беше прифатен и предлогот на пратеничката Илире Даути од него да се отстрани Предлог-одлуката за именување на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги поради реакции за еден предложен член на Советот и додека, рече, Антикорупциската комисија не излезе со финална одлука по предметот што го има отворено.
Фото: МИА архива