Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред да започнат денешните обраќања на вицепремиерот Бујар Османи и и министерот Никола Димитров ја напуштија седницата на Комисијата за европски прашања во Собранието на Република Македонија.
Пратеникот Антонијо Милошоски по „ланската слика на Османи и Димитров со добиен датум од ЕУ“ ја оцени денешната седница на Комисијата како владина забава.
Вицепремиерот за европски прашања Османи во отчетот пред пратениците на собраниската Комисија за европски прашања ја оцени како голема неправда и историска грешка одлуката на Европскиот совет да не и додели датум за почеток на преговори на земјава.
Во Комисијата за европски прашања денеска се одржа тематска седница посветена на евроинтегративните процеси во Република Македонија по последниот Самит на Европскиот совет, на кој беше одложена одлуката за почеток на преговорите за пристапување на земјава во ЕУ.
-Со одлуката на Европскиот совет од јуни 2018 го почнавме објаснувачкиот скрининг, што е задолжителен пред почетокот на преговори. Сите овие настани не охрабрија дека ќе добиеме датум, но оваа седница не е свикана за да си честитаме. Да немаме дилеми неможноста на ЕС да донесе одлука и да не постигне консензус е неправда и историска грешка. Без разлика на сегашната состојба РС Македонија е навистина пример на Балканот за тоа како се гради функционална мултиетничка демократија, со почитување на европските принципи на еднаквост, на солидарност, на компромиси, земја која како ретко која друга може да се пофали дека на правилен начин ги затвори сите поголеми отворени политички прашања, независно дали се тоа односите со соседите или внатрешните односи меѓу различните етнички заедници, меѓу различните политички, социјални или општествени целини, истакна Османи.
Во оваа насока тој потенцираше дека поканата за членството во НАТО, но и брзата ратификација од земјите – членки на алијансата која се одвива во текот на целиот овој период, претставува јасна порака од европските и светските пријатели дека Северна Македонија е на вистинскиот пат, дека претставува дел од семејството на западните држави, и дека со право се надева на членство во сите мултилатерални организации кои припаѓаат на западната цивилизација.
-Чувството на изневереност од страна на ЕУ не смее да нѐ оддалечи од европските вредности, не смее да нѐ оддалечи од патот на реформите, од патот на создавање пријатели од своите соседи, од патот на создавањето на функционално мултиетничко општество, од патот да создавање европска држава, по европски правила, стандарди и вредности, бидејќи нашиот пат бил, нашиот единствен пат е, и останува да биде европската перспектива и од тоа отстапување нема, посочи Османи во обраќањето.
Шефот на дипломатијата Никола Димитров пред пратениците се осврна и на прашањето каде лежи одговорноста за последната одлука на ЕС.
Потсети дека Македонија во 2001 беше во група со Хрватска, доби статус кандидат за членство во 2005, а во 2009 ја доби првата препорака за почеток на преговори.
Тој ги цитираше заклучоците на ЕС од јуни 2018 година и рече дека ЕК го потврди тоа со својот извештај во јуни годинава.
-Но за жал во октомври немаше јасна и суштинска одлука од Советот, рече Димитров и го цитираше францускиот претседател Емануел Макрон по средбата со германската канцеларка Ангела Меркел во Тулуз, според кој сега во ЕУ се дилемите околу прашањето за проширување.
Потсети на изјавите на Хан, Јункер и Туск, кои оценија дека недоделувањето датум за Македонија и Албанија е погрешен чекор и историска грешка.
-Ние сме регион што се граничи со земјите-членки на ЕУ. Не може Унијата да биде цврста и стабилна, ако овој регион не стане суштински дел од Европа, рече Димитров и изрази жалење што сега во самата ЕУ нема толку силна политичка енергија за проширување.
-Тогаш кога имаше политичка енергија ние градевме споменици, додаде Димитров.
Истакна дека законот за јавното обвинителство е последната незавршена работа, иако како што рече тој закон не беше во закучоците на ЕК и подвлече дека при негово носење мора да се почитуваат црвените линии.
Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред да започнат обраќањата на Османи и Димитров ја напуштија седницата на Комисијата, откако пратеникот Антонијо Милошоски ја оцени денешната седница на Комисијата како владина забава.
Тој повика на дебата за оваа тема утре во Комисијата за надворешни работи и го покани таму да дојде министерот за надворешни работи Димитров.
На седницата беа поканети сите пратеници во Собранието, претставници на дипломатскиот кор, како и претставници на владиниот и невладиниот сектор, академската заедница, медиумите и други.