Петтиот пакет антикризни мерки и другите точки кои ги усогласија власта и опозицијата остануваат на чекање во Собранието и засега нема информација кога ќе бидат одржани седниците на кои треба да бидат усвоени.

Координаторите на пратеничките групи на вчерашната вонредна координација кај претседателот на законодавниот дом Талат Џафери, не постигнаа напредок во насока на деблокирање на целокупната работа на Собранието, вклучително и на работните тела кои се закочени повеќе од пет месеци, како што беше навестено во изјавите на сите политички чинители во изминативе денови.

Џафери, како што информираа од неговиот кабинет, на кооринацијата побарал Собранието да се деблокира на секое ниво, без натамошни условувања и ултиматуми.

Координаторите на СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ на средбата го известиле претседателот на Собранието за кои точки е постигната согласност за деблокирање.

– Претседателот нагласи дека не смее да има приоретизирање на одредени точки затоа што лидерите на политичките партии се договориле за тоа надвор од Собранието. Работата на Собранието треба да се деблокира на секое ниво и сите политички партии треба да ја напуштат праксата на заложништво на процесот на усвојување закони, немање кворум заради оправдани здравствени причини на пратеници поврзани со КОВИД – 19 пандемијата, или поднесување на огромен број амандмани по еден закон, оптоварувајќи ја и службата на Собранието, а не само законодавниот процес. Претседателот нагласи дека праксата на условување не оди во прилог никому. Претседателот е одговорен за почитување на Уставот и Деловникот, за зачувување на дигнитетот на Собранието. Собранието е државна институција, треба да се работи на тој начин и во работата не смее да има ултиматуми, соопштија од кабинетот на Талат Џафери.

По повлекувањето на многубројните амандмани поднесени од дел од опозицијата, собраниската Комисија за финансирање и буџет вчера ги прифати законските решенија од петиот пакет антикризни мерки.

Предвидено е фирмите и самостојните вршители на дејност за помош за плати за февруари и март од петтиот пакет мерки да можат да аплицираат до 30 април годинава. Поради доцнењето на усвојувањето на мерките, прифатен е едногласно и амандманот на Законот за финансиска поддршка за самостојни вршители на дејност за месеците февруари и март, по скратена постапка, како и на законот за финансиска поддршка на работодавачите.

Но, засега останува неизвесно кога ќе бидат одржани седниците на кои треба да бидат изгласани овие законски решенија, како и другите точки усогласени на средбата на премиерот Зоран Заев со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а потоа и со лидерите на АА и Алтернатива Зијадин Села и Африм Гаши за законот за државјанство.

За овие прашања,  како што беше наведено во соопштението до вчерашната средба кај Џафери, ќе се одлучува на дополнителна координација.

И од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ велат дека седниците, особено за пакетот антикризни мерки, треба да се одржат што е можно побргу.

Во СДСМ очекуваат опозицијата да ги деблокира и другите закони кои се заглавени во собраниска процедура.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, апелираа до парламентраното мнозинство, по тргањето на амандманската блокада од Алијанса на Албанците и Алтернатива, да се закаже седница за пакетот економска поддршка на граѓаните и компаниите.

Собранието, согласно заклучокот на координацијата, денеска треба да ја продолжи 32 седница со расправа по Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси за периодот 2021-2025.

Вчерашната расправа по оваа точка од 32 седница траеше околу еден час, по што претседателот на Собранието ја прекина седницата поради процесот на имунизација на собраниските служби. Продолжението е закажано во 13 часот.