Собранието денеска ќе одржи продолженија на 11 седници, на кои треба да се отвори дебата за неразгледани точки на дневниот ред.
Најмногу неразгледани точки има на 131-та седница и на 115-та седница. На 131-та седница се Предлог-одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за основање на анкетна комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска Клиника за радиотерапија и онкологија, Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“, Предлог-одлуката за избор на директор на Оперативно-техничката агенција – ОТА, Предлог за избор на судија на Уставниот суд на Република Македонија, Предлог за огласување именување на Јавен обвинител на Република Македонија…
На седницата се и измените на законите за пензиското и инвалидското осигурување, за вработување и осигурување во случај на невработеност, за заштита на децата, за социјалната заштита, за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација, сите по скратена постапка.
Пратениците треба да дискутираат и за Предлог-декларацијата за солидарност со палестинскиот народ и осуда на израелската окупација, за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права, во прво читање и за Предлог-одлуката за давање согласност на Статутот на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје.
На 115. седница неразгледани точки се Информацијата за состојбата во Судскиот Совет, годишните извештаи за работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, на Државната комисија за спречување на корупцијата, на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права, за работата на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио-телевизија, сите за 2022 година.
Фото: МИА архива