Собранието денеска ја почна 141. седница со единствена точка на дневниот ред избор на влада на Република Северна Македонија. Дневниот ред беше изгласан со 67 гласови „за“, без против и воздржан. Во салата имаше регистрирано 108 пратеници.
Талат Џафери, мандатарот на оваа преодна влада која се формира на сто дена пред изборите за пратеници на 8 мај, вчера ја достави програмата и Предлог-составот на новата влада. Основна задача на преодната влада е организирање фер и демократски парламентарни избори.
Собранието ја избира владата со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Во Предлог – составот на преодната влада што Џафери го достави до Собранието предлага прв заменик премиер на владата и вицепремиер за европски прашања да биде Бојан Маричиќ, додека Артан Груби – министер за политички систем и односи меѓу заедниците.
Панче Тошковски на предлог на ВМРО-ДПМНЕ е предложен за министер за внатрешни работи, како и Ѓоко Велковски за министер за труд и социјална политика.
На досегашните места остануваат Кренар Лога – министер за правда, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши – министер за економија, Љупчо Николовски – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Фатмир Меџити – министер за здравство, Јетон Шаќири – министер за озбразование, Ристо Пенов – министер за локална самоуправа, Бисера Костадиновска Стојчевска – министерка за култура, Азир Алиу – министер за информатичко општество и администрација, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Каја Шукова – министерка за животна средина, Фатмир Битиќи – министер без ресор задолжен за економски прашања и Славица Грковска – министерка без ресор задолжена за политики за добро владеење.
Се очекува по изгласувањето на техничката влада, во Собранието да се одржи уште една пленарна седница на која ќе се гласа за дополнителните заменици министри, како и да се верификува мандатот на еден пратеник кој ќе дојде на местото на Талат Џафери, кому му е доверен мандатот да формира техничка Влада.
СДСМ го предложи Митко Бојмацалиев за дополнителен заменик министер за внатрешни работи, а досегашната министерка Јованка Тренчевска ќе биде дополнителна заменичка министерка за труд и социјална политика.
ВМРО-ДПМНЕ за дополнителен заменик министер за финансии ја предложи Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Преодната влада се избира на 100 дена пред изборите кои се закажани за 8 мај. Две недели претходно ќе се одржат претседателските избори. Мандатот на преодната Влада трае од изборот, па се до објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за изборите за пратеници и изборот на новата политичка влада.
Ова е трета преодна или техничка влада од 2016 година наваму. Премиер на техничката влада во 2016 година беше Емил Димитриев, додека во 2020 година беше Оливер Спасовски.
Фото: МИА и Принтскрин