Во Собранието почна расправата по Предлог-буџетот на Република Македонија за 2019 година, кој е на дневен ред во матичната Комисија за финансирање и буџет.

Предлог-буџетот пред членовите на Комисијата ќе го образложи министерот за финансии Драган Тевдовски.

Вкупните приходи во државната каса, според предлогот за 2019 година се проектирани на 210,8 милијарди денари, а вкупните расходи на 228,5 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 3,2 проценти, а стапката на инфлација на 2 проценти. Буџетскиот дефицит е проектиран на 2,5 проценти или 17,7 милијарди денари што е за 500 милиони денари помалку во однос на годинава.

Во буџетот се предвидени пари за повисоки плати во здравството, образованието и одбраната, повеќе пари за реформите во социјалната и детската заштита и пензискиот систем, како и средства за воведување „зелена нафта“ во земјоделството.

Според проекциите на Министерството за финансии, за плати и придонеси во јавната администрација предвидени се 28,3 милијарди денари, а за пензии 56,4 милијарди денари. Од Буџетот во Фондот за ПИОМ ќе се трансферираат 28,1 милијарди денари.

Дополнителни 2,2 милијарди денари се планирани за реформираниот систем за социјална и детска заштита, а се планира и воведување на социјална пензија за околу 6.000 лица кои имаат барем еден работен ден стаж и наполнети 65 години.

Капиталните инвестиции се проектирани на 25,7 милијарди денари, а министерот за финансии очекува дека следната година ќе се забрза реализацијата на овие проекти.