Собранието на Република Македонија денеска трет ден ќе расправа за Информацијата за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори со Европската Унија, предложена од страна на француското Претседателство со Советот, а 13-ти ден македонскиот нарор е на нозе и протестира во Скопје, Битола, Куманово… против предлогот кој под знамето на ЕУ носи бугаризација на Македонија.

Расправата во изминатите два дена се одвиваше во тензична атмосфера. Опозицијата за време на обраќањата на пратениците од владејачкото мнозинство правеше врева, а имаше и вербални конфликти и меѓусебни обвинувања меѓу пратениците од власта и опозицијата.

Според списокот на пријавени пратеници, останати се уште тројца кои имаат право на збор, по што Собранието ќе треба да одлучува по Информацијата за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Македонија со ЕУ.

Опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица бараат отфрлање на овој предлог кој, според нив, води кон директна асимилација на македонскиот народ, уцени и повеќегодишно попречување на евроинтегративниот процес од страна на Бугарија. За разлика од нив, од владеачкиот табор смируваат дека преговарачката рамка нуди неповредливост на македонскиот идентитет и јазик и почеток на преговори за полноправно членство во ЕУ.

И премиерот Димитар Ковачевски од собраниската говорница на првиот ден од расправата порача дека со понудениот предлог, македонскиот јазик јасно се прецизира како единствен, признат и прифатен јазик за Европската Унија и дека не се остапува од црвените линии.

– Добиваме конечно, по 17 години чекање, и многу најави, и многу разочарувања по нив, официјален почеток на преговорите со средба на целата Влада со Европската Комисија. Со сите нишани и стандарди. Е тоа е, почитувани пратеници, единствената вистина во оваа олуја на манипулации, шпекулации, лажни вести и намерни и ненамерни штети и креирање криза и дестабилизација на државата. На ваков предлог, кој целосно ги отсликува нашите државни интереси и црвени линии, јас, Владата и претседателот на државата, кажав и кажавме ДА, потенцира Ковачевски.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која пред собраниската расправа се обрати пред пратениците, вчера на Твитер напиша – нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик. Ние целосно го почитуваме тоа.

Заедно со пораката, Фон дер Лајен го ретвитна и делот од своето обраќање во Парламентот, каде пред пратениците порача – Иднината на вашата земја е во Европската Унија, а Европа не е цела без Северна Македонија. Ве сакаме во ЕУ! Ви благодарам.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за белградски „Блиц“ нагласи дека францускиот предлог ги задоволува сите наши забелешки.

– Со изменетиот, пречистен, дополнет француски предлог, го добивме она за што се бориме со години – чиста формулација на македонскиот јазик, без никакви фусноти, ѕвездички или објаснувања, што за нас беше најважно во зачувувањето на нашите национални интереси, порача Маричиќ.

Успеавме, посочи Маричиќ, да го заштитиме македонскиот јазик, како што ветивме.

–  Граѓаните немаат за што да се грижат, македонскиот јазик со овој предлог станува еден од идните официјални јазици на Европската Унија. Заштитувајќи го македонскиот јазик, најдиректно ја обезбедуваме заштитата на идентитетот на македонскиот народ, наведува Маричиќ.

Деканот на Факултетот за безбедност, професор Никола Дујовски, во врска со безбедносните ризици за државата, доколку се прифати или одбие предлог-преговарачката рамка, вели дека одбивањето на францускиот предлог ќе значи ретроградни процеси коишто можат да не оддалечат и повторно да не остават сами.

– Членството во НАТО е одговор на ова прашање. Членството во НАТО нам ни ја осигура безбедноста сега. Во овој конфликт помеѓу Русија и Украина ние сме многу поспокојни и како служби и како држава затоа што разменуваме добри и квалитетни информации и нема никаков проблем во однос на напредокот на државата кон европските интеграции. Членството во ЕУ може само да ја зајакне безбедносната состојба, изјави вчера Дујовски одговарајќи на новинарски прашања.

И додека во Собранието трае расправата по Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка, пред собраниската зграда граѓани протестираат против францускиот предлог. Пред Собранието се поставени шатори, а улицата е затворена за сообраќај.

Дебатата по Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за старт на пристапните преговори на земјава со Европската Унија почна завчера во Собранието. По завршување на расправата се очекува да бидат усвоени заклучоци, односно насоките што ќе и бидат испорачани на Владата.