Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 35. и 34. седница изгласа закони за изменување и дополнување на Законот за јавно обвинителство и на Законот за кривична постапка, како и дополнувања на Законот за судовите.
За законите за јавно обвинителство и за кривична постапка се гласаше со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници и тие беа усвоени со 84 гласа „за“ без ниту еден „против“ и „воздржан“. Двата закона беа усогласени меѓу пратениците од власта и опозицијата во тек на дијалогот што го водеа пролетта годинава.
Со измените на Законот за Јавно обвинителство се овозможува да се формира посебно одделение за истражување и гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција. Одделението ќе има посебна стручна служба и јавнообвинителски истражители од истражниот центар што ќе се формира. Јавните обвинители и раководителот на одделението ги распоредува јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, за време од четири години со право на повторен избор. За својата работа Одделението ќе изготвува годишен извештај што ќе го доставува до Основниот јавен обвинител за гонење организиран криминал и корупција, Советот на јавните обвинители, Јавниот обвинител на Република Македонија и до Собранието на Република Македонија.
Во текот на расправата пратеникот Илија Димовски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ рече дека ќе ги поддржат законите за кои водеа дијалог и побара интензивирање на разговорите за промени на собранскиот Деловник, како се уште отворен дел од реформите за кои имаше дијалог.
– Бараме што поскоро да се откочи процесот за промени на собранискиот Деловник. Ако има политичка волја и сериозна посветеност да не се надигра тоа што веќе било на некој начин усогласено мислам дека во тие рамки некаде до крај на оваа календарска година Собранието може да го заврши и тој процес со сериозна реформа на собранискиот Деловник, наведе Димовски
Неговата колешка од СДСМ Фросина Ташевска Ременски нагласи дека со законите се заокружува процесот за воведување надворешен механизам за контрола на работата на полицијата, со формирање посебно одделение за истражување и гонење кривични дела сторени од овластени службени лица и припадници на Затворската полиција во рамки на ОЈО за гонење организран криминал и корупција.
– Ова е многу важен исчекор во реформата, особено во делот на формалниот надворешен механизам за контрола на работата на полицијата имајќи предвид дека сето она што го имавме досега и како пракса и као нотирани забалешки од бројните извештаи за тортура, за пречекорување на полициски овластувања и други дела сторени од овластени службени лица се сведуваше буквално на волјата на ЈО да ги третира по допрен глас или пак волјата на внатрешната контрола при Министерството за внатрешни работи да поведат одредена истрага, или забелешки и пријави од граѓани, рече Ташевска Ременски.
Со усвоените измени и дополнувања на Законот за кривична постапка, пак, треба да се надминат постојните недостатоци во областа на посебните истражни мерки, кои беа лоцирани во извештаите на меѓународните организации, а посебно беа обработени во двата извештаи на европскиот експерт Рајнхарт Прибе. Во опфатот на правосудната полиција покрај постојните категории лица, се додаваат и овластените службени лица на Министерството за одбрана кои работат на откривање и пријавување на кривични дела. Воедно се врши усогласување на одредбата за укинување на притворот во однос на жалбата согласно јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права.
Законот за дополнување на Законот за судовите е исто така дел од пакетот закони за воспоставување независен надворешен контролен механизам за припадници на полицијата и затворската полиција. Со членот 1 од тој Закон се пропишува нова надлежност на специјализираното судско одделение надлежно за судење дела од областа на организираниот криминал и корупција за целата територија на Македонија во Основниот суд Скопје I – Скопје. Конкретно, одделението ќе може да суди за кривични дела извршени од полициски службеник, овластено службено лице за безбедност и контраразузнавање со полициски овластувања, припадници на финансиска полиција, со закон овластени лица на Царинската управа кои работат на откривање кривични дела и овластени службени лица на Министерството за одбрана кои работат на откривање и истражување кривични дела или припадници на затворската полиција, при вршење на службено дејствие. Постапувањето се однесува и за кривично дело извршено вон службата со употреба на сериозна закана, сила, или средства за присилба што за последица има смрт, тешка телесна повреда, телесна повреда, противправно лишување од слобода, мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување доколку со закон е предвидено кривично гонење по службена должност.
Според изнесените ставови во тек на расправата, преку воспоставување на новиот механизам ќе се овозможи и зајакнување на кредибилитетот на полицијата и нејзината транспарентност воопшто, ќе се поведе ефикасна борба против несоодветното постапување во различни сектори и ќе се обебзеди заштита на човековите права.
Собранието треба да продолжи со работа по 34. седница по получасовна пауза. Единствена преостаната точка на дневниот ред е Предлог-одлуката за објавување јавен оглас за избор на претседател, потпретседател и шест членови на Државната изборна комисија, поднесена од пратеникот Антонијо Милошоски.