На денешната седница на Собранието на Република Македонија беше прескокната точката за изменување на Изборниот законик поради лидерската средба. Спикерот Талат Џафери рече дека доколку има консензуален договор на лидерската средба, но и да нема, ќе се отвори расправа за Изборниот законик.

Претходно, измените на Изборниот законик ги поминаа двата собраниски филтра, односно Комисијата за европски прашања и Законодавно-правната комисија. И покрај 401 амандман поднесени од ВМРО-ДПМНЕ, ниту еден не беше прифатен, а еден беше отфрлен.

Предлог законот за изменување на Изборниот законик, по скратена постапка, ќе се разгледува по завршување на лидерската средба, одлучија денеска едногласно пратениците во македонското собрание, со 78 гласови – „за“.

Немаше гласови против и немаше воздржани. Барања за процедурални забелешки или противења од страна на опозицијата, исто така – немаше.

Денеска ќе заседава и Собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија, која треба да ја продолжи седницата со Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Пратениците на оваа седница треба да го разгледаат и Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Јавно претпријатие Македонска радиодифузија.