Последиците од агресијата на Руската Федерација врз Украина ќе бидат во центарот на вонредната пленарна седница на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), која денеска и утре ќе се одржи во онлајн формат.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски ќе треба да се обрати пред Собранието преку видеоконференција, јави дописникот на МИА.
Комитетот на министри на Советот на Европа одлучи да се консултира со Парламентарното собрание за потенцијалните нови мерки што треба да се преземат, откако на 25 февруари минатата година ги суспендираше правата за претставување на Руската Федерација според член 8 од Статутот на Организацијата, како одговор на сериозните прекршувања“ на нејзините законски обврски како земја-членка.
На крајот на вонредната пленарна седница, ПССЕ ќе издаде Мислење што ќе биде упатено до Комитетот на министри. Потребното мнозинство за усвојување на овој текст е утврдено со Деловникот на ПССЕ со двотретинско мнозинство од дадените гласови.
Сесијата ќе опфати и размена на мислења со Бенедето дела Ведова, државен потсекретар во италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка, во рамките на италијанското претседавање со Комитетот на министри и со генералниот секретар на Организацијата, Марија Пејчиновиќ Буриќ.
Според Членот 8 од Статутот на Советот на Европа, секоја членка која сериозно ги прекршува одредбите од член 3 може да биде суспендирана од правото на застапување и да биде повикана од Комитетот на министри да се повлече под условите пропишани во член 7. Доколку оваа покана не се земе пр едвид, Комитетот може да одлучи дека предметната членка престанала да членува во Советот од датумот што самиот Комитет го одредува.