Собраниската Комисија за финансирање и буџет не ги прифати двата амандмани со кои се предлагаше износот за субвенционираниот студентски оброк да се зголеми од 120 на 160 денари и да се исплаќа до крајот на учебната 2022/23 година.

На денешната седница Комисијата го разгледа Предлог-законот за изменување на Законот за субвенциониран студентски оброк, по скратена постапка, со кој се предвидува до 15 март идната година на секој студент во државата да му се исплаќаат по 120 денари за оброк или 2.400 денари месечно. Сега предлогот е проследен на натамошна постапка во Собранието.

Преодното решение предвидува исплатата на субвенционираниот студентски оброк со истите услови како и досега со траење до март 2023 година. Потоа ќе треба да се донесе нов закон.

Студентите треба да добијат посебни платежни картички кои ќе можат да ги користат само за студентски оброк во одредени локали. Ќе има ретроактивна исплата на субвенција за студентски оброк од 15 септември до сега, а ќе бидат вклучени и новозапишаните студенти.

Од опозицијата обвинија дека со новото законско решение се изигруваат студентите со кои на средбите во Собранието било договорено, како што кажаа, субвенционираниот студентски оброк да биде 140 денари.М