Има верзија дека Ататурк има бугарско потекло, а тоа е запишано дури и во енциклопедијата на браќата Данчови отпечатена во 1936 година, пишува бугарскиот весник 24 часа, цитирајќи дека родителите на создавачот на турската република биле бугаромухамеданци од Солунско.
Во тој крај, како што пренесе Слободен печат, наводно уште има луѓе кои тврдат дека се роднини со Ататурк.
– Ние сме бугарски селани од солунско. Не викаат Помаци бидејќи сме ѝ помагале на турската армија во времето на Османлиите. Ататурк е од нашето колено, велеле жителите на одринското село Азатли, кое се смета за најнаселено бугарско-мухамеданско село во одринско.
Истражувачот Христо Красин, пак, во книгата „Има ли Турци во Бугарија“ тврди дека Мустафа Кемал е роден во село Себишта во Голо Брдо (меѓу Албанија и Македонија). Во тоа село, вели, живеат само Бугари мухамеданци, а на времето само оџата знаел малку турски. Весникот дури пренесува дека рускиот научник Афанасиј Селишев тврдел дека во целата област нема ниту еден Турчин.
Во текстот се наведува дека Мустафа е син на охридски трговци, а семејството подоцна од Себишта се преселило во Солун, додека според некоја верзија мајка му била бугарска мухамеданка. Во приказната е вметнат и бугарски разузнувач и дипломат кој во 1930 година во Себишта се сретнал и разговарал со роднини на Мустафа Кемал кои не знаеле турски туку му зборувале само бугарски. Самиот Ататурк, пак, како што пишува, бил единствениот државник од Балканот кој повеќе пати зборувал за поврзаноста со бугарскиот народ, искажувал голема љубов за него и признавал дека во детството си играл само со Бугарчиња.
„Зошто само со нив? Можеби зашто други и немало“, пишува во текстот на „24 часа“ во кој се цитираат зборови на Ататурк дека „нема да ги заборави убавите моменти кои имал во Бугарија и дека го сака бугарскиот народ уште од детството, а во Солун се дружел само со Бугари“.
На крајот од текстот во кој се објаснуваат неговите врски со Бугарија уште стои дека не е случајно што и големата љубов на Ататурк – Димитрина исто така е Бугарка.
Целата статија на бугарски јазик може да ја прочитате на овој ЛИНК.