Граѓанско – верската платформа Сојуз за живот на мирниот семеен марш „Сведоштво за семејството“ што ќе се одржи на 29 јуни 2019 година во Скопје, предложи декларација за заштита на бракот и семејството.
Како што објавивме, маршот ќе почне од платото пред црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ до Соборниот храм „Св. Климент Охридски.
– Тргнувајќи од семејството како природна основа на човештвото и општеството, раководејќи се од членот 26 на Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации за примарното право на родителите за избор на видот на образованието што децата треба да го стекнат, загрижени поради обидите за редефинирање на бракот и семејството со агресивна пропаганда и идеологија, а се со цел измени на законската регулатива, Граѓанско – верската платформа Сојуз за Живот на мирниот семеен марш, ја утврди следната Декларација за заштита на бракот и семејството, информираат организаторите на маршот.
Во продолжение ви ја презентираме предложената Декларација:
(1) За трајни морални вредности на човештвото и општеството ги сметаме бракот како заедница меѓу еден маж и една жена, семејството, верата, нацијата и државата.
Бараме воспитание и обвразование на децата во духот на овие трајни морални вредности на човештвото и општеството.
(2) Потсетуваме дека во Македонија:
се почитува приватноста на личноста, хомосексуалноста е декриминализирана, а сексуалната ориентација не е стигматизирана.
(3) Неприфатлив е секој облик на повреда на приватноста на сечиј личен и семеен живот, на достоинството и угледот. Неприфатлива е секоја повреда на слободата на личноста, очекувајќи заштита од надлежните за жртвите од дискриминација по било која основа.
(4) Неприфатливи се:
истополовите бракови, инцестот, полигамијата, педофилијата, некрофилијата и зоофилијата и иницијативите кои водат кон нивна легализација; декриминализацијата на сексуалниот однос меѓу децата и возрасните;
преименувањето на таткото и мајката со полово недефинирани „родител еден“ и „родител два“;
и родовата (џендер) идеологија во воспитанието и образованието на децата!
(5) Сметаме дека треба да биде озаконета забраната за посвојување на деца од истополови партнери или од партнери со оперативно променети полови.
(6) Бараме државата да обезбеди услови за хармоничен развој на личноста на детето во општество кое ги афирмира вредностите на бракот и семејството;
детето да расте со љубов и разбирање од еден татко и една мајка како биолошки и законски родители или со законско родителско старателство.
(7) Бараме национална стратегија за заштита на бракот и семејството со социо – економски мерки и активности неопходни за нивно опстојување.
(8) Бараме национална демографска стратегија за поттикнување на наталитетот, хумана популациона политика и спречување на емиграцијата.
(9) Укажуваме дека малцинствата, меѓу нив и сексуалните, мора да ги почитуваат законите и моралните норми на мнозинството.
Правата и слободите на малцинствата не смеат да ги загрозуваат правата и слободите на мнозинството.
(10) Бараме суспензија на секоја јавна промоција на сексуалната ориентација која е во спротивност со трајните морални вредности на човештвото и општеството, бидејќи истото не претставува демонстрација на правата и слободите на сексуалните малцинства, туку дискриминација на правата и слободите на мнозинството.
(11) Неприфатлива е секоја манифестација на сексуалните малцинства со која се врши повреда на чувствата, вознемирување и дискриминација кон верските заедници и нивните верници, како и кон моралните норми на мнозинството, во спротивност на демократијата и внатрешниот правен поредок на државата Македонија.
Неприфалтива е секоја демонстрација на говор на омраза, нетрпеливост и нетолеранција во спротивност со трајните морални вредности на човештвото и општеството.
(12) Ја поддржуваме секоја превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство, но ја отфрламе Истанбулската конвенција на Советот на Европа од 11 мај 2015 година поради родовата (џендер) идеологија со неконвенционалната дефиниција на машкиот и женскиот род, независно од биолошкиот машки и женски пол, што може да се менува според волјата на човекот.
Машкиот пол е машки род, женскиот пол е женски род.
(13) Мнозинството граѓани во Македонија ќе гласа за политичките партии кои ќе ги прифатат и спроведат барањата во оваа Декларација, односно, истите ќе ги актуелизираат во своите изборни програми.
(14) Оваа Декларација влегува во сила веднаш.
(15) По еден примерок од оваа Декларација се доставува до: Претседателот, Собрането и Владата на Република Македонија, верските заедници, политичките партии, здуженијата на граѓани и средствата за јавно информирање.