Општинскиот Сојуз на Борци од НОБ – Битола се противи на доаѓањето премиерот на Бугарија, Кирил Петков по повод отворањето на културен центар „Иван Михајлов“.
Од Сојузот на борците сметаат дека со тоа се врши промоција и рехабилитација на фашистичката идеологија милитаризмот и антимакедонските политики од Втората светска војна.
Инаку, Сојузот на борците на Северна, на 15 декември 2021 година му додели највисоко признание на Зоран Заев. Еве што по тој повод објави Владата со која тогапш се уште раководеше Заев:
„Премиерот Заев прими највисоко признание – Повелба на Сојузот на борците за долгогодишна посветеност и соработка: Вашата борба резултираше со државност, чест ми е да го продолжувам вашето дело, кое за мене е аманет.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев вчера на покана на Сојузот на борците (СБМ) во Клубот на пратеници прими Повелба на Сојузот на Борците, за долгогодишен и успешен придонес во поддршката и соработката со Главниот одбор на Сојузот, и негово издигнување на достоинствено државно ниво.
Премиерот Заев истакнувајќи дека е особено горд и благодарен што еден од неговите последни јавни настапи како Претседател на Владата е средбата со претставниците на Сојузот на борците, како член и продолжувач на традициите на слободарското антифашистичко движење и нивното наследство, подвлече дека останува неговата свечена обврска за понатамшна афирмација на големото, историско дело на храбрите борци на НОБ.
„Гордоста е голема, но честа и денеска да бидам со вас е уште поголема. Уште повеќе, кога во година кога го одбележуваме значајниот јубилеј 80 – години од Народното востание и секако 73 години од основањето на Сојузот на борците и сето тоа во рамките на 30- годишнината од независноста на нашата држава. Во бурни времиња на светската историска сцена вие презедовте историска улога. Препознавте дека пред вас е момент, кој не смее да биде пропуштен. Кренавте антифашистичко востание и ја поведовте Националната ослободителна борба, од која се роди и нашата држава. Држава, што на нејзината цел ја доведоа мажите и жените, припадниците на партизанските одреди на Народното антифашистичко ослободително движење“, истакна премиерот Заев во своето обраќање на средбата со претставниците на СБМ.“