МАКСТИЛ ќе ги бара назад парите што ги плати за солидарен данок, но е подготвен да разговара со Владата и со Министерството за финансии за да се најде точен модалитет како ќе се исплатат. На име на солидарен данок плати 4,3 милиони евра што беше најголем износ што било која компанија во земјава го плати за таа намена.

-Бевме една од најзасегнатите компании со Законот за солидарен данок и нормално е веднаш да си ги бараме парите кои неправедно ги плативме зашто ни се потребни за предвидливост и буџетирање иако имаме рок од пет години за да го направиме тоа. Знаеме дека државниот Буџет е таков каков што е и дека Владата има планирано трошоци. Подготвени сме на некој начин да разговараме за да се договориме за динамиката за враќање на парите. Не помина многу време откако ги уплативме парите и мислам дека нема да бараме камати, бидејќи не сакаме дополнително да го оптоваруваме Буџетот, рече Димитар Цветковски од МАКСТИЛ во одговор на новинарско прашање на денешната презентација на резултатите од Анкетата за странските директни инвестиции за 2024 година во Стопанската комора.

Тој ја поздрави одлуката на Уставниот суд за укинување на законското решение и рече дека сака индиректно да ја поздрави и Владата која, како што кажа, имаше доблест и реши да не се меша при носењето на одлуката од страна на Судот.

Прашан дали МАКСТИЛ ќе биде засегнат од најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини за челикот, Цветковски рече дека МАКСТИЛ не е директно засегнат од тоа бидејќи за земјава има такви царини уште од 2018 година, но може да биде засегнат ако Европската Унија воведе слични царини за да се заштити.

-Македонија веќе ги има тие царини и за нас важат од 2018 година наваму. Тоа што би можело да биде ризик за нас е ако Европската Унија воведе слични царини за сите производители надвор од ЕУ за да се заштити, бидејќи ние од 60 до 70 проценти од нашето производство го извезуваме токму во ЕУ, посочи Цветковски.

Законот за солидарен данок беше донесен за време на претходната власт на чие чело беше СДСМ.

Фото: МИА и МИА архива