Павел ШАТЕВ
…Дојде месец јануари. Мелинитот, 100 килограми, беше веќе во Ќустендил. Во јануари го пренесов со една чета до Кочани, а оттаму Тодор Органџиев, што се наоѓаше во Велес, повикан од мене, дојде во Кочани и го зеде во вреќи со ориз и го дотера во Велес. Оттаму го испратија во канти, божем зејтин (ја има истата тежина како зејтинот), право во Солун.
Кога видовме дека нема да имаме повеќе динамит, решивме да се ограничиме само на Солун. Тогаш веќе почна копањето на тунелот, од кој еден дел беше веќе ископан откај новиот дуќан. Кога се копаше првиот тунел, земјата ја изнесувавме со пакети од книги, ставени во сандак, и веќе како смет ја фрлавме во морето. Сега, при копањето на вториот тунел, немаше потреба да се изнесува земјата надвор, затоа што новиот тунел се поврза со стариот, па во стариот тунел ја трупавме земјата од новиот. Кога се наполни стариот тунел, земјата, што преостануваше, ја набивавме во визбата (земник) на дуќанот, каде што беа нобеловиот динамит и посебно мелинитот. За случај да нe надушка полицијата, и да дојде да направи претрес на визбата, каде што се работеше и каде што секогаш имаше двајца, бевме ставиле 5 килограми мелинит во стариот тунел во едно шише, поврзано со фитил со новиот дуќан. Тој фитил гореше 50 см. во минута. Тој фитил ни го даде Гоце, со капсули, праскав барут една кутија, и уште неколку петарди. Поставивме од тој „црвен фитил”. Тоа го сторивме затоа што ако полицијата се доближи до визбата, од визбата да се запали фитилот, за да експлодира мелинитот во стариот тунел, за да се направи шашарма и да се запре полицијата, за да има време нашиот човек од визбата да го собере со себе нобеловиот динамит и да го пренесе до темелите на банката. Веќе бевме стасале до неа, остануваше само да се направат неколку споредни тунели, и да се стокми мелинитот во едно тенеќе со капсули, со фитил и слично, за да може да се запали со кибрит динамнтот (нобеловиот), да се крене во воздух банката и, се разбира, и самиот тој да загине. Затоа беше она шише со динамит во стариот тунел.
Довршувањето на тунелот почна во февруари 1903 год. Јас заминав за Солун на 18 февруари. Заминав преку Охрид, со туѓ пасош, со воз право во Солун. Таму веќе се работеше – беа собрани другарите. Петар Манџуков и Дим. Коштанов. Немаше потреба од повеќе луѓе, а тие беа попретприемчливи луѓе, кои можеа да формираат одделна група. Мечев привремено беше во Софија, бидејќи им беше повеќе познат на Турците.
Во Солун јас отидов веќе да полагам зрелосен испит во гимназијата под име „Ѓорѓи Манасов” (како Павел Поцев веќе бев давал матурски испит). Престојував таму и работев во Тунелот. Во текот на март случајно копаа за канализација на истата улица крај банката. Стравувавме многу, да не го пронајдат нашиот тунел, што беше на длабочина од 3 1/2 метра, но за среќа каналот за геризите се копаше на 2 метра длабочина. Ние брзавме, – колку што тие се приближуваа со канализацијата до тунелот, ние толку повеќе брзавме да го довршиме тунелот до банката. Во тоа време, во текот на март, во европските весници се појави вест дека македонските дејци подготвуваат во Македонија атентати насочени против европските капитали. За тоа тие изнеле од софиски извор, од луѓе што нe познаваа и избрбориле нешто пред европски дописници. На Турците не им доаѓаше на ум, дека ќе ја минираме банката, туку си мислеле, дека како и Ерменците, ќе се втурнеме во банката, па владата постави силна стража околу неа. Во тоа време, во половината на март, за време на страсната недела, ние веќе ги имавме поставено динамитот и мелинитот во тенекии, сите натокмени со фитил. Стравувавме да чекаме многу, едно поради тоа што од влагата можеше да заслабне силата, особено на нобеловиот динамит, а пак од друга страна, ризикот беше голем, а поминуваше и рокот што го договоривме со Организацијата за чекање. Почекавме уште 15 дена, да помине Велигденот, и решивме да стапиме во акција.
Уште на 16 март пристигна Мечев. Даме Груев му беше негов стар познат. Мечев и Даме беа блиски пријатели. Даме го запрашал, што станува со вашата работа, а Мечев му рекол дека сe е готово, и дека ништо веќе не може да попречи на акцијата. Даме им кажал за ова на Гарванов и на другарите од ЦК. Тогаш Гарванов го повикува Ордан Поп Орданов (Орце), и му ветува 1800 лева да го сториме замисленото и во Одрин, и веднаш да си отиде. Даме му рекол на Мечев, да го одложиме атентатот после почнувањето на Востанието, како последен удар за Европа. Мечев му одговорил, дека колку што знае тој, колку е вооружен народот, не верува дека едно востаиие може да донесе спас, напротив, тоа ќе донесе само да се разурнат реоните, па поради тоа тој не е за никакво востание. Даме му одговорил, дека според негово мислење е подобро да се одложи атентатот, а сепак знае дека тој не може да ни го наложи тоа. Гарванов, што му предлагал на Орцето 1800 лева за да отиде во Одрин, не смеел отворено да му посоветува ништо, како Даме. Орце студено му одговорил на Гарванов, дека ние немеме намера да започнуваме некаква нова акција во Одрин, и дека страхуваме да не ни се оневозможи и оваа акција. И навистина страхувавме, и тоа најмногу од Гарванов, за да не ја разгласи работата.
Преостануваше да направиме план за атентатот. Додека уште бевме во Софија, пред да тргнеме, јас и Мечев го прашавме еден наш Македонец, што добро се разбираше од европската дипломатија, што мисли тој за нашиот план (воопшто речено). Тој се искажа со одобрување: таму, рече тој, е болното место на Европа – европските капитали. Го запрашавме на која држава е најдобро да се направи штета. Тој, откако ни опиша како се расположени европските држави, ни рече дека за нашите работи најмногу ни пречат Русија и Австрија, иако се најзаинтересирани, та кога би ги засегнале нивннте капитали, тие пак нема да сторат ништо, затоа што немаат намера да се менат работите во Македонија. За пример ни ги наведе случките со убиствата на руските конзули. Русија можеше да ги искористи тие поводи, кога бо имала вистинска намера да се избршат реформи и слично. Исто така и Австрија. Затоа препорача да се засегнат имтересите на други, освен Англија, бидејќи Англија, иако има за нас големи симпатии, е сама, без сојузници, па нема сама да настапи. Остануваат Франција, Италија, малата Белгија и други. Ние проценивме дека Франција може најмногу да влијае и да ја наведе и Русија за дејствување. Затоа решивме да запалиме еден француски пароброд. Кога стана збор за Франција, нашиот советник сакаше да ни каже да не ја гибаме и неа.
Кога по тоа советување се прибраеме во Солун, заедно со другарите, решивме да почекаме додека дојде француски пароброд на Messagette Maritime, да го запалиме, и еден ден подоцна да ја кренеме во воздух и банката. Бидејќи немавме прибрано в раце многу динамит, немаше потреба од сите другари од велешката група. Затоа му напишавме на својот другар Кошчанов, што сакаше да дојде, за да земе учество, да си седи во Бугарија, бидејќи немаме динамит, а пак ако дојде, само туку-така ќе си умре, без никаква полза. Пак и на велешките другари, што исто така сакаа да дојдат, им одговоривме исто – на Тодор Органџиев, Илија Поп Орданов, (братучед на Орце) и Алексо Минов, што го викаа „Каникот”. Им пративме десетина килограми мелинит со друго што требаше, да го фрлат од мостот на пругата кај ТЅополка, ако сакаат и тие да направат нешто.
Јас посакзв сам да ја извршам работата со паробродот. На 15 април пристигна паробродот „Гвадалкивир”, од компанијата Messagette Maritime, и зедов 11 килограми мелинит, ги скрив во коферот, добро зашиено и маскирано, и отидов на царинарницата, со цигара во устата. Бев намислил така што во случај на царинарницата да се посомневаат и да земат да го сечат куферот, па да го пронајдат мелинитот, да го запалам фитилот со цигарата, па и јас и полицаецот да летнеме во воздух. На крајот од фитилот, за посигурно дека ќе се запали, имав ставено троа нобелов динамиг, што е лесно запалив. Отидов на царинарницата, и не го оставив цариникот да види колку е тежок куферот, го отворив пред него со зборовите „Бујрум ефенди”. Тој погледна во кошулите, што беа нафрлени одозгора и – не рече ништо. Го затворив коферот, и се качив во чунот, што требаше да ги однесе патниците на паробродот во 11 часот. Паробродот требаше да тргне по половина час. Се сместив во кабината № 7 (кабина од 1. кл., за која платив 45 франци за до Цариград со храна). Требаше да бидам сам, и затоа побарав таква кабина. Штом се најдов во кабината, ја заклучив вратата, ги расеков капаците од коферот, ги извадив парчињата со динамит, што беа во платнени вреќички како кутии, и ги наставав една врз друга во една бовча – направена од крпа од бела убава ленена материја. Го зедов динамитот в рака. Кога се качив на паробродот, разбрав дека не можам да слезам подолу од рамништето на морето, а целта беше да се причини дупка на паробродот, за да потоне. 3атоа решив да го запалам паробродот, па го засолнив динамитот на едно скришно место до салонот, во кој се служеше јадењето, до кабините на вработените близу до машините, што таму беа покриени со решетка. Динамитот се потпираше на самиот мев на паробродот (на станицата) до железата. Беше токму време за ручек. Таму видов дека се рашетува еден од вработениве. Си помислив да не е некој мошне храбзр човек, па ако се најде таму кога ќе почне да гори фитилот, да земе да го скине фитилот, кога ќе види како шишти и гори. Фитилот беше долг 1 дециметар. Паробродот беше веќе тргнат, и го помина малиот Карабунар, за половина час ќе излезеше веќе од пристаништето, а пак јас сакав сe да стане во самото пристаниште, за да има можност да се спасат патниците (нашиот советник препорачуваше колку што е можно да се избегнуваат човечки жртви). Зачекав да се оддалечи службеникот, додека отиде во салонот, и со цигарата го запалив врвот од фнтилот, на кој за посигурно имаше ставено и нобелов динамит. Се втурнав во спротивниот ходник, штотуку поминав 5 чекора динамитот грмна. Бев решил да загинам и јас; не можев да знам дека ќе ми се вдаде да имам време да се спасам. Грмнувањето беше многу силно. На сите патници во прва I класа, и тие што работеа кај машините, на лицето им се појави крв, од гасовите, небаре со игла лнцето да им беше исецкано на резенчиња. Динамитот направи дупка во коритото на паробродот, голема колку половина прозорец, а од друга страна ги запали машините – се беше запалило маслото, изгореа гумите и поради тоа се запалија и машините. По 5 минути паробродот го обзеде оган, се појави пламен и на палубата, токму кај што беше излезот. На паробродот веднаш кренаа жолто знаме и црно, обесено на пловина копје, и почна завивачки да свири.
Капетанот заповеда да слезат сите патници, најпрвин да слезат патниците од прва класа, во два чуна за спасување од двете страни на паробродот. Јас слегов во еден чун заедно со две жени, две француски ќуриња (свештеници), а другите од прва класа слегоа во другиот чун. Потем пуштија и други чунови за другите патници. Патниците од прва класа беа во најголема опасност, бидејќи не можеа од прва кл. да излезат по скалата накај палубата поради огнот, па излеговме преку едни прозорци.
Наскоро пристигна и еден чун со војници од турската флота што не прибраа кај нив. Дојдоа и уште многу други чунови од пристаништето. Никој не можеше да се сети дека имало атентат; сметаа дека дошло до експлознја во котларницата.
Една жена, премалена, од гасовите и детонацијата падна во несвест па неа со посебен чун ја одведоа во француската болница. Оној службеникот, што се рашетуваше, и за чиј живот јас стравував кога ќе дојде до пожарот, по несреќа пострада. Некоја штица го беше треснала и му ја беше скршила раката, па му стоеше свисната. Потем тој се јави во воениот суд како сведок. И тогаш разбрав дека се викал Рикард. Тие беа постраданите од експлозијата.
Од пристаништето стаса едно паробродче со наполнети мешини со слатка вода за да помогне за гаснењето (паробродчето »Port de Salonikue«, носеше пресна вода за воените пароброди и сл.). Еден морнар, што беше останал кај машините, бидејќи се затна местото за излез, преку еден прозорец довикнуваше »je suis perdu« (изгубен сум), и тие се зафатија да го спасуваат и го спасија и него. Кога дојдоа другите чунови, се префрлив во други – разменив две-три, и нарочно отидов во еден чун, во кој беше турскиот пристав (comissaire) и Jirat, секретарот на францускиот конзул Стег. Со нив беше посигурно. Јас го запрашав секретарот зошто не го гаснат пожарот на паробродот, а тој ми одговори дека веќе е доцна, туку треба да се спаси тој човек – таа жртва. Токму тогаш дојде конзулот Стег, многу разгневен, и од својот чун го прашуваше секретарот што се случило. Секретарот му рече, дека ако тоа се случило поради експлодирање на котелот, би требало да поминат два часа додека се запали паробродот. Освен тоа, му велеше тој, тоа што е направена онаа дупка на паробродот, очевидно е дека тука се работи за експлозив. Французите веднаш разбраа, а Турците и народот сe уште повторуваа „казан патламиш”. Потоа големите јарболи, што гореа, паднаа во водата. И јас, заедно со други патници. со двајца морнари и еден Турчин, очевидно чнновник на агенцијата, отидовме во компанијата, каде ни ги запишаа имињата, и ни рекоа: „дојдете утре да ви ги вратиме парите”. Пристаништето беше преполнето со народ. Излегов од агенцијата, слободен, и отидов и се сместив во хотелот »Partenon« заедно со еден друг патник, Грк, ми се чини (од трета класа).
(Продолжува)