Првата сонда на Обединетите Арапски Емирати стигна до Марс и успешно влезе во нејзината орбита по седуммесечно патување, што овозможува да испраќа податоци за атмосферата и климата на таа планета.

Таа мисија ги прави ОАЕ петтата вселенска агенција што успеа да стигне до црвената планета.

Сондата  Хоуп (Надеж) беше лансирана во јули 2020 година од Јапонија, по две одложувања поради лошите временски услови. Целта на мисијата е да ја мапира атмосферата на Марс во текот на секоја сезона.

Програмата поврзана со Марс е дел од напорите на ОАЕ да ги развијат своите научни и технолошки можности и да ја намалат зависноста од нафта.

Околу 60 отсто од мисиите на Марс досега беа неуспешни, што сведочи за сложеноста на меѓупланетарното патување, но и за тешкотиите на леталата да се спуштат низ тенката атмосфера на Марс.