Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) е незадоволен од најавеното порамнување на платите за вработените во установите од  културата, смета дека процесот е нетранспарентен зашто Министерството не ги вклучило во дијалог.

Претседателот на СОНК Јаким Неделков на прес-конференција, која следуваше по работниот состанок со претседатели на синдикални организации на СОНК, рече дека поддржуваат зголемување на плати и други бенефиции за вработените во културата, но дека не знаат како ќе се нивелираат платите зашто СОНК  не е вклучен во изготвување на коефициентите.

Нејасно е, рече, дали нивелацијата ќе биде на ниво на спогодба односно анекс-договор со директорот на установата и претседателот на синдикалната организација или ќе биде на национално ниво каде што ќе треба да се направат измени и дополнување на Колективниот договор за култура или носење нов за што, рече, ќе мора и тие да бидат вклучени.

-Се договара, се преговара заткулисно и ние не знаеме со кого – дали е вклучен и другиот синдикат или ова го прави само Министерството за култура. За ваква крупна работа, за промена на коефициенти, апсолутно мора да има согласност од репрезентативниот синдикат, а тоа е СОНК. Секое зголемување на плати или промена на коефициент, без согласност на репрезентативните синдикати, би значело кривично дело. СОНК ќе преземе мерки и санкции за оние што ќе го направат тоа, рече Неделков.

Според него, најавеното нивелирање за кое, како што рече, селективно се дадени табели во некои установи, за исти работни места во различни установи и во различни општини повторно има различни коефициенти.

-Тоа значи дека ќе немаме нивелирање, туку ќе се создаде уште поголем јаз меѓу платите, разликата на платите ќе биде уште поголема и тоа ќе направи раздор меѓу установите од културата и неединство, што можеби е и целта на некого, додаде Неделков, повикувајќи го Министерството за култура што побргу да оствари социјален дијалог со СОНК за носење нов колективен договор за култура.

Министерството за култура пред речиси еден месец соопшти дека работната група направила анализа на потребните средства за нивелацијата на платите на вработените во установите од културата, но дека до завршување на претседателските избори не постојат законски предуслови да се заврши постапката.