Вечерва по 23:00 часот избувна голем пожар во Трговскиот центар „Глобал“ во Струмица.

Големиот пожар зафати четири продавници на приземјето и се прошири кон првиот кат, а пожарникарите со големи напори успееја да го стават под контрола и засега не дозволуваат да се прошири на другите продавници.

Според очевидци, пожарот избувнал по 23:00 часот и веднаш се проширил.

-Почна на почетокот од првиот дуќан и брзо се прошири. Мојот бутик е целосно изгорен и во него имаше стока од над 20 илјади евра, рече сопственик на бутик.

На местото на пожарот има голем број граѓани, а повеќе полициски возила го обезбедуваат просторот околу ТЦ „Глобал“, како и возила на првата помош.

Засега не се знаат причините за пожарот, во кој е причинета голема материјална штета.

Противпожарни екипи од Неготино и Штип се очекува да пристигнат во секој момент, а пристигнатаа е помош и од Радовиш, информира струмичкиот градоначалник, кој е на теренот вечерва.

-Во овој момент се обидуваме да се спаси што може да се спаси. Голема материјална штета, но нема човечки жртви. Помагаат противпожарни екипи од сите околни градови, рече за ТВ Вис струмичкиот градоначалник Коста Јаневски, кој е на теренот.