Милијардерот Џорџ Сорос изјави дека поразот на Русија во Украина ќе резултира со колапс на, како што вели, „руската империја“, што, според него, би било добредојдено за поранешните советски републики.
Сорос изјави дека САД ќе ја поддржат Украина, но дека претседателот Џо Бајден го предупредил украинскиот лидер Володимир Зеленски дека има граници и дека Трета светска војна мора да се избегне. Сорос не го откри изворот на информацијата.
Сорос оцени дека руската армија има лоша команда и е недоволно опремена и деморализирана, но дека претседателот Владимир Путин се свртел кон платеничката група Вагнер за воено да ѝ се спротивстави на Украина и дека дава резултати за кратко време.
Тој исто така посочи дека Украина има шанса на пролет кога ќе го добие оружјето што ѝ го ветил Западот, пишува „Гласот на Америка“.
– Земјите од поранешниот Советски Сојуз едвај чекаат Русите да бидат поразени во Украина, бидејќи сакаат да ја зацврстат својата независност, додаде Сорос.
Ова го кажа во текстот на говорот на безбедносната конференција во Минхен, што се одржа од неговата канцеларија.
– Тоа значи дека украинската победа би резултирала со колапс на Руската империја. Русија повеќе не би била закана за Европа и светот. Тоа би била голема промена на подобро, смета Сорос.
По распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, беа формирани 15 независни републики, иако Русија сè уште е најмоќна и го има најголемиот нуклеарен арсенал во светот. Путин ја прикажува војната во Украина како егзистенцијална битка со агресивниот и арогантен Запад и предупредува дека Русија ќе ги искористи сите расположливи средства за да се одбрани себеси и своите граѓани од напад.
САД ги отфрлаат тврдењата на Кремљ дека сакаат да ја уништат Русија. Кога станува збор за Кина, Сорос изјави дека стратегијата на претседателот Си Џинпинг за нулта толеранција за Ковид-19 ја разниша довербата во Комунистичката партија.
Сорос изјави дека Русија и Кина се водечки членки на групата „затворени општества“ во подем, каде поединецот е подреден на државата.