Ситуацијата поврзана со пандемијата предизвикана од коронавирусот е стабилна и нема потреба од дополнителни рестриктивни и мерки за заштита, смета министерот за здравство Венко Филипче.
Според него, вакцинацијата треба да биде фокусот, а не да живееме во рестрикции.
– Сега нема потреба од нови мерки, затоа што ситуацијата е прилично мирна. Политиката на затворање се спроведуваше во периодот кога не беа достапни вакцините. Сега кога ги има и кога се достапни акцент треба да се стави на процесот на вакцинација. Гледаме дека и Англија, иако има нови случаи, се попуштаат мерките. Да не живееме затворени, туку да се вакцинираме масовно, рече вчера Филипче и најави дека од понеделник почнува теренска вакцинација и вакцинирање на граѓаните без закажување.
Потенцира дека сите вируси, особено РНК вирусите многу мутираат и оти може да се очекуваат и нови мутации освен постојните. Тоа, нагласи, не значи дека треба да се затвораме и да има рестрикции, туку масовно да се вакцинираме за кој и да било следен бран го дочекаме подготвени, бидејќи некои од предвидувањата се дека оваа состојба може да потрае, иако не може да се каже со сигурност.
Тој посочи дека според информациите со кои располага, во лабораториите во земјава не е секвенциониран нов случај на делта сој на коронавирус освен постојните. Но, рече, од МАНУ го информирале дека има четири случаи кои треба да бидат секвенционирани, а се суспектни на јужноафриканскиот сој. Додаде дека подготовките за теренска вакцинација се при крај и оти наскоро се очекува и објавување на распоредите за нејзино спроведување.
Според вчера објавените податоци на Институтот за јавно здравје, регистрирани се 10 нови случаи со Ковид 19, пет оздравени и еден починат пациент. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.770, бројот на оздравени пациенти е 150.123, на починати е 5.487, а на активни случаи изнесува 160 од кои 58 во Скопје.
Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 496.228 граѓани.
На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 408.953 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 8.355 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 11.393 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 652.680 дози вакцини, а ревакцинирани се 243.727 граѓани.
Со последните бројки, 54 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 52 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со една доза вакцина, 47 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со една доза вакцина и 39 отсто од населението над 50 години е вакцинирано со една доза вакцина.
Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.
Вчера во земјава пристигна и донација од 100.000 вакцини на производителот „Астра Зенека“ од Република Грција.
– Донацијата е на лична иницијатива на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, што му ја има ветено на нашиот претседател на Владата, Зоран Заев. Уште еднаш се потврдуваат добрососедските односи и поддршка кои се особено значајни во време на пандемија. Голема благодарност до грчкиот народ, Владата на Република Грција и амбасадорот на Грција во нашата земја, Н. Е Русос Кундурос со кој утрово ги пречекавме вакцините. Истите веднаш ќе бидат дистрибуирани по вакциналните пунктови и наменети за лица над 60 години согласно нашата стратегија за вакцинација, објави Филипче на својот фејсбук профил.
Посочува дека вакцинацијата забрзува и од понеделник сите граѓани ќе може без закажан термин да се вакцинираат.