Соработката со сите регистрирани цркви, верски заедници и религиозни групи во државата е на задоволително ниво. Досега се направени значајни придвижувања, но нашиот план за работа и визија е дека треба се што е постигнато да се подобри и дополнително да се продлабочи. Оптимист сум дека се движиме во позитивен правец, вели во интервју за МИА директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски.
Во интервјуто Сотировски меѓудругото зборува за улогата на верските заедници во време на пандемија, при што напоменува дека нивната одговорност била голема. Како што дополнува, токму нивното реагирање до верниците да се придржуваат до протоколите е заеднички содржател со ангажманот на здравствените власти да се зачува и заштити човечкиот живот, но и да се унапреди човековата благосостојба.
Во однос на пописните резултати во делот на религиската определеност, Сотировски смета дека тие не ја одразуваат вистинската фактичка состојба која ја имаме на теренот, а како што рече, тоа е условено од неколку фактори. Посочи дека овие резултати даваат една поразлична слика, која што цени дека може да се коригира само со нов попис.
Во врска со очекувањата за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија според Сотировски, реалноста во која пребива нашата црква ќе биде прифатена и препознаена од остатокот од православните земји, затоа што, како што рече, нашата црква нема и никогаш немала, ниту па може некогаш да има каков било црковен проблем сама со себе или во себе.
Тој во интервјуто за МИА напомена дека се работи за наметнат спор кој што се провлекува долго време, а секој спор кој што трае долго време добива некој свој пат и станува апсурден од ден во ден.
-Се надевам дека ќе дојде време кога автокефалијата на МПЦ-ОА ќе се признае, но кога тоа ќе се случи би било неблагодарно да се каже. Дека има позитивни придвижувања тоа е евидентно и за тоа сведочат голем број од информациите кои што се пласирани во јавноста но и оние кои како позитивни сигнали доаѓаат и во последниот период, рече Сотировски.
Тој ги честиташе велигденските празнувања, и посочи оти се надева дека не очекува година полна со радосни доживувања и испрати порака да негуваме надеж дека со заеднички труд може да дојдеме до некои помирни води.
-Да се надеваме дека не очекува година полна со позитивни и радосни доживувања, затоа што мислам дека сме веќе и заморни од постојани кризи. Влегуваме од криза во криза и имаме навистина тежок период зад нас. Во моментов нема многу простор да се надеваме дека пред нас е некој розов период, но сепак мора да негуваме надеж и мислам дека со заеднички труд може да дојдеме до некои помирни води, рече Сотировски.
Празникот Велигден католиците го прославија минатата, а православните го одбележуваат оваа недела. По две години со ковид-рестрикции, празникот оваа година е без ограничувања. Црквата беше под критики, иако повеќепати повикуваше да се почитуваат мерките и препораките за здравствена заштита. Како ја оценувате улогата на верските заедници за време на пандемијата?
– Сите верски заедници кои ги имаме во нашата држава, но и ширум светот, имаат огромна одговорност, посебно во вакви општества, каде што граѓаните во голема мера се изјасуваат како религиозни.
Односот на верските заедници се слуша, цени и почитува од верниците и апсолутно низ таа призма гледано, нивната одговорност и во времиња на кризи но и во мирни времиња, доколку такви времиња воопшто и постојат, навистина е многу значајна.
Тие се повикани да реагираат нивните верници да ги почитуваат мерките кои што ги задаваат здравствените власти согласно нивната експертиза, со цел да се заштити човечкиот живот, и тоа веројатно е заеднички содржател на ангажманот на здравствените власти, а и на самите верски заедници да се зачува и заштити човечкиот живот, но и да се унапреди човековата благосостојба.
Многу реакции предизикаа пописните резултати, особено графите за православни и за христијани, како и корекцијата на бројката на атеисти. Каков е вашиот став за тоа?
– Јас го соопштив мојот став, запрашан од медиумите во тие неколку денови на поинтензивни реакции на јавноста. Јас имам целосно разбирање за ваквите реакции, и во делот на изјаснувањето за религија реакциите кои беа присутни во јавноста се целосно оправдани.
Резултатите кои што се производ на пописот на населението во делот на религиската определеност на самите граѓани не ја одразуваат вистинската фактичка состојба која ја имаме на теренот.
Тоа е условено од неколку фактори. Првиот фактор е онаа бројка на административно попишани лица за кои што не се водат податоци за нивната религиска определба, другиот фактор е процентот на изјаснети како христијани што е религиска определеност, а не вероисповед, па и тоа прави свој придонес во целосно несовпаѓање со вистинската состојба на теренот. Третиот, но не помалку важен фактор е апстиненцијата на голем дел од граѓаните и повикувањето да се бојкотира пописот на населението, што исто така може мултиперспективно да се анализира, но и тоа доведе до ова да имаме резултати кои не соодвествуваат на реалната состојба и тоа е факт.
Ценам дека реално на теренот, согласно сите податоци кои ги имаме, не дошло до значително поместување на религиската процентуална застапеност на различни граѓани, но ваквите резултати ни даваат една поразлична слика која што ценам дека ќе може да се коригира само при нов попис, затоа што не гледам начин како сето тоа би го коригирале, посебно не ние кои сме исправени пред еден резултат на кој што не можеме да делуваме.
МПЦ-ОА и натаму е во очекување да биде признаена нејзината автокефалија. По непродуктивниот долгогодишен дијалог со СПЦ, надежите се насочени кон вселенскиот патријарх. Очекувате ли ова прашање конечно да биде затворено со помош на Фанар?
– МПЦ-ОА е автокефална црква, односно има долгогодишно суштествување како автокефална црква. Ценам дека проблемот е насочен во тоа дали остатокот од православната екумена ќе го признае ова и ваквата реалност.
Се надевам дека ќе дојде време кога тоа ќе се признае, но кога тоа ќе се случи би било неблагодарно да се каже.
Дека има позитивни придвижувања тоа е евидентно и за тоа сведочат голем број од информациите кои што се пласирани во јавноста, но и оние кои како позитивни сигнали доаѓаат и во последниот период.
Многу ме радува и би сакал да ја споделам таа радост што последниве неколку дена во оваа последна недела пред најголемиот христијански празник Велигден, МПЦ после 26 години го врши процесот на осветување на свето миро, што е исто така еден од оние атрибути на автокефалните помесни православни цркви.
Сметам дека реалноста во која пробива нашата црква ќе биде прифатена и препознаена од остатокот од православните земји, затоа што нашата црква нема и никогаш немала ниту па може некогаш да има каков било црковен проблем сама со себе или во себе.
Се работи за наметнат спор кој што се провлекува долго време, а секој спор кој што трае долго време добива некој свој пат и станува апсурден од ден во ден.
Каква е соработката со верските заедници и меѓу верските заедници?
– Соработката со сите регистрирани цркви, верски заедници и религиозни групи е на задоволително ниво. Секогаш може да се направи нешто повеќе. Но, ние до овој момент доколку правиме пресек на тоа какви се воспоставените односи можам да кажам дека сме задоволни.
Има позитивни придвижувања онаму каде што воопшто не биле воспоставени здрави односи на доверба.
Направени се значајни придвижувања, но нашиот план за работа и нашата визија е дека треба сите, се што е постигнато практично да се подобри и дополнително да се продлабочи, затоа што нема добра ситуација која што треба да не задоволи до степен да речеме дека сега е доволно.
И токму тоа е поентата на постоење на државните институции, да ја подобруваат секоја постоечка состојба. Во таа насока, јас сум оптимист дека се движиме во позитивен правец.
Државата и верските заедници, барем декларативно, се за толеранција, Но за жал во пракса, како што беше сучајот со Лев Тахор се покажа дека како општество не сме толку толерантни и стравуваме од различното. Дали државата и црквите прават доволно за надминување на стереотипите и за прифаќање на етничките, религиските и културните различности?
– Јас сметам дека имаме еден случај, кој што е и социолошки феномен на новото време, а тоа е појавата на едно гласно малцинство и постојана е присутноста на едно тивко мнозинство. Тоа доаѓа до израз особено кога имаме вакви испади, „грди епизоди“ од нашето општествено живеење на една најгруба појава на стереотипи и предрасуди за луѓе за кои воопшто никој реално и немал информации, освен медиумски шпекулации.
Мислам дека ни е потребен еден процес на созревање на општеството кај сите поединци. Тоа неминовно треба да почне од домашното воспитување и домашната средина бидејќи тоа се првите важни моменти каде се воспоставуваат темелите на личноста, која подоцна и низ образовните клупи ќе може да се изгради во нешто што ќе биде многу посвесно и позрело. Мислам дека во текот на овие 30 години имаме сериозно потфрлање на оваа тема, но јас сепак се потпирам на мојата лична перцепција дека нашиот народ во голема мера е народ со вистински вредности, народ кој го почитува семејството, традициите и другите луѓе. Но, како што кажав тоа не може да се каже апсолутно за целиот колектив.
Сепак имаме поединци, за жал некогаш поврзани и во групи, кои што ја искривуваат онаа слика што македонскиот народ со векови ја создавал за себе, а тоа е дека е народ кој ги прифаќа различностите, народ кој што е отворен за соработка со другите, затоа што македонскиот народ е челичен народ кој низ вековите имал претрпено многу неправди.
Владата ја усвои првата Стратегија за развој на верскиот туризам и поддршка на активните манастири 2022-2026 на предлог на КОВЗРГ. Кога треба реално да заживее и кои се очекувањата?
– Сега сме во постапка на формирање на координативото тело кое ќе ја следи реализацијата на ваквата стратегија. Очекуваме следниот период да биде формирано тоа тело. Станува збор за меѓуресорско тело каде секој што имал одредени активности во акцискиот план во периодот за кој што треба да биде реализиран треба да делигира свој член во тоа тело, па практично формално да отпочне реализацијата на ваквата стратегија.
Секоја институција буџетските барања ги приготвува во време на летниот период и ценам дека тука некаде ќе знаеме која е рамката за кога да очекуваме реално отпочнување на Стратегијата, затоа што живееме во време на криза, а се што како активност треба да се преземе има и финансиски импликации.
Некаде на есен ќе знаеме колку во новиот буџет за следната година ќе има одвоено средства за оваа намена и така ќе ги димензионираме нашите активности.
Бисера Трајковска
видео Аслан Вишко
фото Дарко Попов