Цената на такси-услугите во Град Скопје засега останува непроменета. Градските советници со само 23 гласа „ЗА“, од потребните 26, не изгласаа промена на тарифникот.
Неизгласаните три предложени тарифи беа усогласени и прифатени од Асоцијацијата на легални таксисти, Синдикатот на таксисти и Групацијата на такси превозцици, а како главна причина беше наведена цената на горивата и барањата до Град Скопје кои пристигнуваа од страна на такси-компаниите.
Предлогот содржеше три различни тарифи, кои ќе се применуваа во зависност од цената на горивата.
На сила останува тарифникот кој важи веќе 11 години. За разлика од Скопје, во многу други градови, општинските совети веќе изгласаа зголемување на цената на такси превозот.
Иако не е покачена цената официјално, голем број од таканаречените „диви таксисти“ лоцирани на Меѓуградската автобуска станица, кај Клиничкиот центар, но и на други локации низ центарот на Скопје применуваат и наплаќаат неизгласана цена. Станува збор за таксисти кои немаат лиценци или пак им се истечени, а наплаќаат големи суми на патници кои доаѓаат од внатрешноста на државата или од странство.
Забележително е и што на улиците и такси стојалиштата во Скопје, како и на повик преку централа има помал број на таксисти.
Во меѓувреме за поефикасна контрола на такси превозот, лиценцирани автомобили при ново регистрирање добиваат жолти таблички за кои таксистите мора да платат за да ги добијат.