Советот за Јавни обвинители на продолжението на 70-тата седница, денеска избра нови шефови на две виши и пет основни јавни обвинителства.
За шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје Советот едногласно го избра Мустафа Хајрулахи.
Претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски, на почетокот на денешната седница појасни дека Хајрулахи е позитивно оценет со 23 поени.
Членот на Советот на ЈО Арбер Исаку, посочи дека Хајрулахи кој во изминатите четири години ја вршел оваа функција и покажал резултати, и со неговиот избор само уште повеќе ќе се подобрат состојбите на подрачјето на Вишото јавно обвинителство.
За шеф на Вишо јавно обвинителство Гостивар, Советот на ЈО го избра Фарик Арслани.
Во трка беа тројца кандидати Деса Пауновска (четири гласа за, еден против и тројца воздржаи), Душица Димитриевска (два гласа за, четири против и двајца воздржан) и Фарик Арслани (седум гласа за и еден воздржан).
Советот на ЈО, на денешната седумдесетта седница, ги избра и Оливера Нечаковска за шеф на ОЈО Битола, Цветанка Богоевска за ОЈО Велес, Душица Димитриевска за ОЈО Гостивар, Елизабета Милева Јорданова за ОЈО Кавадарци и Теута Рамадани за ОЈО Куманово.
На дневен ред на 70-тата седница на Советот на јавни обвинители, беше и одлука за објавување на оглас за четворица јавни обвинители во ОЈО ГОКК, но беше одложена.