Твитер „трајно суспендира“ 70.000 налози поврзани со про-трамповското движење „QAnon“ за да спречи социјалната мрежа во иднина да се користи за насилни цели, како што беа организирањето на немирите во Вашингтон од минатата недела.

Твитер „чистаката“ ја спроведе уште во петокот, почнувајќи со блокадата на налогот на американскиот претседател Доналд Трамп.

“Овие налози во голема мера споделуваа опасни содржини поврзани со движењето „QAnon“. Тие главно беа посветени на ширењето теории на заговор”, се наведува во соопштението на Твитер, што беше објавено синоќа.

Многу корисници имаа повеќе налози, така што бројот на суспензии е голем, додаде социјалната мрежа.

Социјалните мрежи Твитер и Фејсбук минатата недела го суспендираа налогот на американскиот претседател во заминување поради неговите коментари во врска со упадот во американскиот Конгрес. Двете компании направија чекор без преседан по насилството на приврзаниците на Трамп во Вашингтон.