По сомневањата дека поседуваат имот стекнат од криминални активности, Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК), спроведува истрага за имотот на 89 косовски граѓани што се наоѓа на територијата на Албанија.
-Истражните дејствија се спроведуваат како одговор на барањето испратено од правосудните органи на Косово, кои истражуваат 31 лице осомничено дека се дел од криминална група вклучена во трговија со дрога и перење пари. Сите биле идентификувани преку комуникации на апликацијата SKY ECC, врз основа на податоци добиени од белгиските и француските правосудни органи, објавија медиумите повикувајќи се на соопштение на СПАК.
Истрагата во Косово открила дека обвинетите ја префрлиле добивката остварена од криминални активности во разни бизниси, кои биле основани од самите обвинети, но и други лица. Исто така, се покажало дека дел од средствата биле претворени во движен и недвижен имот, како што се земјиште, куќи, станови, автомобили, со цел да се скрие вистинското потекло на парите.
-Повикувајќи се на истрагата во Косово, се покажува дека обвинетите ги инвестирале парите од трговијата со дрога во движен и недвижен имот, како на територијата на Република Косово, така и во други земји, вклучително и во Република Албанија. Поради оваа причина, косовската страна побара да се филтрира не само нивниот имот, туку и имотот на 58 други лица, членови на нивните семејства, на чие име можеби е регистриран имот, наведуваат медиумите.
СПАК ќе ги следи не само нивните можни недвижнини, туку и дали отвориле банкарски сметки во банки од втор ред во Албанија.
фото:СПАК




