Поранешниот висок функционер на СДСМ, Ѓорѓи Спасов на својот проф на Фејсбук објави „жива вистина“ за настаните од 1968 година во тогашна Чехословачка и реакциите на СКМ, чиј наследник е СДСМ, односно на партиската организација од ресенското село Подмочани.
Објавата е интересна во контекст на актуелните настани поврзани со Украина, како и изјавата на министерката за одбрана Славјанка Петровска, дека „нашата армија е подготвена ако треба да ја брани Украина од напад од Русија“, ако тоа побараат сојузниците во НАТО.
Во продолжение објавата на Спасов:
Жива вистина
Во 1968 година кога армијата на Советскиот Сојуз влезе во Чехословачка основната организација на Сојузот на комунистите со село Подмочани ,одржала состанок со следниот дневен ред:
1. Разгледување на меѓународната ситуација создадена со упадот на армијата на Советскиот сојуз во Чехословачка.
2. Разно.
Во записникот од тој состанок доставен до ЦК на СКЈ стои.
По првата точка од дневниот ред Основна организација на СК ги донесе следниве заклучоци:
1. Армијата на Советскиот Сојуз мора во рок од 7 дена да се повлече од Чехословачка.
2. Ако армијата на Советскиот Сојуз во рок од 7 дена не се повлече од Чехословачка, Основната организација на Сојузот на комунистите од село Подмочани ќе одржи нов состанок и ќе донесе нови заклучоци.