Претседателот на Владата на Македонија, Оливер Спасовски упати честитка до архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, до претставниците на Синодот на МПЦ – ОА и до сите луѓе во нашата држава, кои ги чествуваат големите христијански празници Бадник и Рождеството Христово Божик, во името на Владата и во негово име.

– Големите празнични денови, како што се Бадник и Раѓањето Христово Божик се голема духовна сила за секој човек, да ги види одново вредностите што носат благослов, како што се чесноста, љубовта, грижата едни за други и да го прилагоди своето дејствување во заедницата, во името на тие вредности, стои во честитката од премиерот Спасовски.

Христос оставил вечен светилник на човештвото, дека само заедничката радост е радост, и само заедничката среќа е среќа, како и дека никогаш и поради ништо човекот не треба да се откаже од големото добро, дури напротив, истакнува Спасовски, треба да го понесе на себе како чест и да одговори достоинствено на оваа света човекова обврска.

– Да го продолжиме патот кон мир и спокој, кон сигурност и благосостојба, продолжувајќи да ги негуваме единството, почитувањето, пријателствата, чистата и искрена љубов. Христос се роди!, вели Спасовски во честитката.