Ги враќаме парите кај граѓаните, помагаме на социјално загрозените граѓани. Нашата цел е достоиствена поддршка преку социјална помош од државата, но и извлекување од сиромаштија. Реализиравме конкретни проекти на дело во овој регион во ИЕ 2, што беше запоставен една деценија за време на режимот, со што покажавме дека се грижиме за сите, рече носителот на листа во Изборната единица 2, Оливер Спасовски кој попладнево е на средби со граѓани од скопската општина Шуто Оризари.
Спасовски се осврна на поддршката на граѓани од општината Шуто Оризари и генерално, во државата.
-Tоа се корисници на гарантиран месечен приход, на детски додаток, на образовен додаток, корисници на социјална пензија кои порано не ја добивале оваа поддршка од државата. Ние социјалната помош ја зголемивме 300 проценти. За 3,5 проценти го зголемивме опфатот на деца кои добиваат детски и образовен додаток. Над 33.000 деца во училишна возраст примаат по 1.000 денари месечно детски додаток. Воведовме образовен додаток за основци и средношколци од семејства во социјален ризик, по 700 денари месечно за додаток за ученик во основно образование или 8.400 денари годишно по ученик во семејството и 1.000 денари по ученик во средно образование или плус 12.000 денари годишно во семејството, истакна Спасовски.
Тој зборуваше и за конкретни резултати од мерката Парите кај граѓаните. Најави дека мерката продолжува со насочувања на уште повеќе пари кон граѓаните.
-Вкупно 31.906 социјално загрозени домаќинства, заклучно со февруари годинава се ослободени од сметките за струја, тие сметки ги плаќа државата. Ја вративме евтината тарифа на струјата, со што 11 милиони евра остануваат кај граѓаните. Ја зголемивме минималната плата од 9.000 на 14.500, со што секој работник добива по 66.000 денари повеќе пари годишно. Воведовме социјалана пензија за граѓаните кои немаат никаква пензија. 6.747 луѓе земаат социјална пензија од 6.000 денари. Пензиите се покачени за 720 денари од јануари, за сите пензионери и со новото усогласување, пензионерите, во 2020 година ќе примат 10.000 денари повеќе пари од пензии, во однос на вкупната сума за ланската година. Со новата развојна економија: ќе го зголемиме лимитот за повратот на ДДВ кон граѓаните, од 600 на 800 денари месечно, што е 9.600 денари годишно повеќе пари во семејните буџети. Досега, кај над 300.000 граѓани кои скенираат фискални сметки се вратени над 10 милиони евра. Минималната плата ќе ја покачиме на 20.000 денари, просечната плата ќе ја покачиме од 22.300 денари на 34.000 денари до крајот на мандатот, најави Спасовски.
Потенцира и дека е постигната рекордно ниска невработеност и се отворени шанси за нови вработувања.
-Ја намаливме невработеноста за осум проценти, отворивме 71.214 работни места за само една година – на ВМРО-ДПМНЕ им требаа пет години за тоа, издвоивме 7.8 милиони евра како поддршка за самовработување. Во Шуто Оризари има на овој начин вработени. Издвоивме 660.000 евра за обуки за побарувани занимања. Даваме стипендии за студенти од социјални категори и кои постигнале висок успех. Во Шуто Оризари има доделено такви стипендии, посочи Спасовски кој зборуваше и за инфраструктурата во Шуто Оризари.
Асфалтирани се, рече, сите главни и споредни улици, а е вложено преку МВР и во реконструкција на ПО Шуто Оризари во вредност од 40.650 евра. Се спроведува и кампања за намалување на нередовно посетување на настава на учениците и опремување градинка чиј капацитет е за 100 деца, во вредност од 6.198.000 денари.