Техничкиот премиер Оливер Спасовски денеска упати извинување до туристите кои вчера беа вербално нападнати во центарот на Скопје, а за што беше објавено видео на социјалните мрежи.

Очекува брза и ефикасна постапка од Министерството за внатрешни работи и санкции и апелира на одговорност кај граѓаните.

– Говорат на омраза, недоличното однесување, говорот којшто создава фрустрации и конфронтации во македонското општество е непожелен. Дури и тогаш кога се употребува во политички цели тоа создава поголеми конфронтации и меѓу населението. Им се извинувам на туристите и апелирам на одговорност кај граѓаните, рече Спасовски одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.

Преку каков било вербален или физички напад кон никого, како што потенцира, не може да се реши кој било проблем.

– За секој од проблемите постојат институциите и очекувам дека МВР, министерот ќе постапат брзо, ефикасно, ќе преземаат мерки и ќе се преземаат соодветни санкции кон секој кој го нарушува интегритетот, достоинството на секој човек без разлика дали е тоа граѓанин на С. Македонија или е некој турист којшто се наоѓа во посета на С. Македонија. Сите треба да бидеме длабоко свесни дека сите сме лицето на државата. Одговорност кон државата имаме сите, безбедноста сме сите, не се само институциите на системот, туку секој граѓанин, медиумите, институциите на системот, претпријатијата итн, наведе Спасовски.

Видеото што беше објавено на социјалните мрежи покажува дека извесно лице вербално напаѓа туристи, во контекст на корона вирусот.