Имаме стратегија за сајбер безбедност, но во заканите и заштитита од сајбер нападите треба да се вклучиме сите заедно, оти тие генерално се многу поопасни и со поголема разорна моќ од конвенционалите напади, одговори министерот Оливер Спасовски на прашањето колку државата е подготвена на ова поле, по зачестените дојави за бомби.

– Прво има стратегија за сајбер безбедност, која предвидува на колку нивоа и каде се реализираат сите активности, кои ќе значат подобра Сајбер безбедност. Агенцијата за електронски комуникации има посебен тим, посебен дел кој се занимава со сајбер безбедност. Но, едно треба да знаеме сите, безбедноста не е ниту еден човек, ниту една институција, безбедноста сме сите ние и колку повеќе ќе се подготвиме сите заедно, зборувам за институциите на системот и од аспект на материјалните и технички средства и од аспект на човечки ресурси, толку поотпорни ќе бидеме на овие сајбер напади и закани кои ги добиваме. Така што генерално не само кај нас, последните години се посветува многу повеќе внимание на сајбер криминалот и безбедноста, заради тоа што се увиде дека вакви напади можат да бидат поопасни и со поголем разорна моќ, отколку конвенционалните, така да во овој дел треба сите заедно и посветено да се бориме кон создавање на еден систем кој што би бил имун во делот на Сајбер заканите, рече Спасовски.

За помладите кои не ја знаат кратенката СВОЗ, таа во бивша СФРЈ значеше „Сите во одбрана и заштита“, што во суштина е и пораката од министерот Спасовски.