Врвен приоритет на Владата е здравјето и животот на граѓаните и затоа голем дел од ресурсите ги насочуваме кон заштита на луѓето и намалување на ризикот од ширење на вирусот и на тој начин да бидеме поефикасни во делот на економијата, бидејќи колку побрзо ќе се стави под контрола, толку подобро ќе биде и за делот на економијата, изјави вечерва премиерот Оливер Спасовски.
Вториот сет на мерки, посочи тој, се за помош на реалниот сектор и на економијата, бидејќи е важно по завршување на кризата економијата да продолжи да функционира, но не ја исклучува можноста дека треба да има и дополнителни мерки.
– Во тој дел се насочени и овие мерки. Да помогнеме на работниците, да помогнеме на работодавачите и на тој начин да си помогнеме и самите на себе, како граѓани генерално, нагласи Спасовски, во емисијата Топ тема.
Посочи дека реакции и критики имало и ќе има, но сетот на мерките што денеска беа претставени нуди предвидливост и директна помош за компаниите да ги задржат работниците и да се оддржат во следните два месеци.
– Веројатно нема да бидат доволни овие пакет на мерки и ќе има потреба од носење на нови мерки. Ние како Влада сме сосема на чисто дека ќе го правиме во наредниот период. Објавивме прв сет на мерки и тогаш имаше реакции, па ги користат тие што најмногу им се потребни. Сега имаме втор сет на мерки, што сметаме дека ќе помогне во голема мера. Не исклучуваме дека треба да има и дополнителни мерки што уште повеќе ќе помогнат во делот на економијата, но притоа да не го занемариме здравството, здравјето и животот на граѓаните, изјави Спасовски гостувајќи на Топ Тема на телевизија Телма.
Ако има потреба од дополнителни мерки, посочи тој, согласно анализите и проценките во институциите владата ќе преземе мерки.
– Овие мерки се однесуваат за следните два месеци, под претпоставка дека ќе има намалување на здравствената криза и врз основа на тоа полека да почне да работи и економијата. Доколку тоа не се случува, тогаш ќе мора да имаме и нов сет на мерки. Владата е тука и ќе преземе се што треба, навремено за сите заедно да си помогнеме, изјави Спасовски.