Владејачкото мнозинство во нова офанзива и јавни повици опозицијата да ги прифати уставните измени откако и по еден месец од седницата за нив не успева да го обезбедни потребното 2/3 мнозинство. Министерот Спасовски во интервју тврди дека премиерот Ковачевкси разговара со пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, но и со некои од власта, за да се предомислат околу промените на Уставот во име на евроинтеграциите, објави ТВ Сител.
Спасовски тврди дека непристојни понуди нема и не смее да има.
– Не, непристојните понуди се криминал. И тие непристојни понуди треба да бидат процесуирани. Јас зборувам за политички дијалог, не за непристојни понуди. Непристојни понуди од кој било аспект, па и во политиката е криминал. Мислам дека не треба да ги промовираме непристојните понуди, туку треба да промовираме демократско и високосвесно размислување, вели Спасовски.
И од коалициската ЛДП сметаат дека дека уставните измени не се само за внесување на малцинствата во највисокиот законодавен акт, туку се услов за европската перспектива за државата. Претседателката Зајкова вели дека и покрај необезбеденото мнозинство во парламентот, предвремени избор не треба да има.
Иако не е оптимист дека ќе има предомислување кај опозицијата и шефот на државата Пендаровски смета дека уставните измени ни се неопходни. Вели дека ако до ноември не бидат донесени државата нема да се дестабилизира, но демократски ќе се уназади. Пендаровски тврди и дека политичари пред 7-8 месеци на неформално ниво барале амнестија за поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, но дека тоа не можел да го дозволи иако ги потпиша најновите измени на Кривичниот законик за кои во јавноста се шпекулираше дека се една од алатките за глас повеќе за уставни измени.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак, бараат Пендаровски јавно да каже кој барал законски измени за помали функционерски казни.
Од ВМРО-ДПМНЕ се уште тврдат дека пратеничката група е единствена и против уставни измени под бугарски дикатат.
Извор: ТВ Сител