Успешна 2022 година во борбата против недозволена трговија со дрога – запленети над 2,4 тони дрога која би достигнала вкупна вредност од 6 милиони евра на црниот пазар, објави утрово министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски
Тој во објавата на Фејсбук подетално опишува за какви видови дрога и кои количини станува збор:
– Во најголема количина е запленета марихуана, хероин, кокаин, амфетамин, хашиш. Сузбиени се 12 организирани криминални групи составени од 51 член. Откриени се над 700 кривични дела, за кои се пријавени над 800 сторители. Тука се и заплените на 20 тони најразлични прекурсори, со цел понатамошно производство на синтетичка дрога. Вредна за споменување е заплената од 1 тон прекурсори на скопскиот аеродром од кои би можело да се произведе амфетамин во вредност од над 50 милиони евра. Воедно, во делот на недозволена трговија со дрога, во 2022 го имавме и најголемото уништување на запленета дрога досега, вкупно уништени 10 тони дрога. Продолжуваме со несмален интензитет и во 2023!- објави Спасовски.
Останува нејасно дали во овие количини на заплени е и украденото масло од марихуана од магацин во Крушевско.
Инаку, синоќа, медиуми во Албанија објавија сериозни обвинувања за вмешаност на лица блиски до власта кои влијаеле на попречување на акција на американската ДЕА во борбата со трговијата со дрога во Македонија.