Постигнати се добри резултати во санкционирање на насилството врз жените, но имаме уште многу работа во неговото превенирање, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Тој, по повод 16 дена активизам против родово базирано насилство, денеска се обрати на трибината „Мултисекторски пристап за ефикасна заштита на жени и девојчиња изложени на насилство“, во организација на Македонскиот полициски синдикат и невладината организација ЕХО, што се одржа во салата на Општина Прилеп.
– Ако се повикаме на полициските статистики, јасно е дека проблемот е сè уште актуелен: само во периодот од јануари до крајот на септември годинава, на ниво на државата, евидентирани се 809 кривични дела од областа на семејното насилство, за кои кривично пријавени се 836 лица, а од евидентираните 863 жртви – 669 се жени, односно најмногу сопруги, вонбрачни сопруги, мајки, ќерки. На овие показатели за истиот период треба да се додадат и 290 констатирани и санкционирани прекршоци и 3.131 поплака против членови на семејството, каде што 68 отсто од жртвите за психичко, физичко или економско малтретирање се жени, посочи Спасовски, повикувајќи се на официјалните полициски статистики.
Семејното насилство, како што нагласи, опсервирано од кривично-правен аспект претставува содржина од крајно комплексни соодноси.
– Тие не се само индивидуални, туку допираат и низа колективни, системски, законски, социјални, културолошки и други релации. Притоа, законската репресија, не може да биде основно и финално решение на проблемот, туку само алка, делче од еден поголем мозаик од механизми, чија улога е детектирање и решавање на генезата, а паралелно на тоа и ресоцијализација на жртвите и санација на направените штети, потенцираше министерот.
Тој лоцираше дека во изминативе години, тргнувајќи од низата нови меѓународни и домашни законски промени, Министерството за внатрешни работи организационо, професионално и стручно, се прилагоди кон новите трендови и стандарди во третманот на насилството врз жената, поставувајќи стандардни оперативни процедури, што опфаќаат еден широк спектар на активности.
– Тука не станува збор само за идентификување и управување со ризиците, туку дополнително и за обезбедувањето на безбедноста на жртвата во сите фази на полициското постапување. Од планирањето и спроведувањето на мерките и активностите во планот за безбедност, па сè до упатување на жените жртви на насилство и семејно насилство, кон достапните услуги за помош и поддршка, и секако – документирање, собирање на сите докази за конкретен случај и релевантните информации во врска со сторителот, до целосно расчистување на кривичното дело, нагласи министерот.