Со цел брза размена на податоци со останатите институции и намалено време на чекање на граѓаните за добивање на услуги, Министерството за внатрешни работи е поврзано на Националната платформа за интероперабилност и нуди веб сервиси кои се од сопствен развој, објави на својот фејсбук профил министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Тој посочува дека меѓу веб сервисите се: евиденција на промени на матичен број на лица – за даден временски период ги враќа сите промени на матични броеви за лица, а корисник на овој веб сервис е Националниот регистар на население, податоци од каталогот на оружје – се преземаат податоци од каталогот за оружје во МВР, како што се: категорија на оружјето, тип на оружјето, марка на оружјето, модел на оружјето, производител на оружјето, калибар на оружјето, референтен тип на оружјето и статус на оружјето, а корисник на овој веб сервис е Царинската Управа на РСМ.
Меѓу веб сервисите, како што истакнува Спасовски, се и податоци за државјанство – за внесен матичен број на граѓанин кажува дали лицето моментално има активно државјанство, чиј корисник на овој веб сервис е Министерство за правда, податоци за моторни возила – овозможени се два начини на пребарување – првиот метод за внесена регистарска таблица враќа податоци за сите сопственици (име, презиме, ЕМБГ, период од кога до кога го поседувал возилото…) кои некогаш го поседувале тоа возило, додека пак вториот метод за внесен матичен број на физичко или правно лице дава листа на возила (марка, модел, регистрација, број на шасија) кои тоа лице некогаш ги поседувало, а корисници на овој веб сервис се Министерство за правда и Царинска управа на РСМ.
– МВР ги користи следните веб сервиси преку платформата за Интероперабилност: Сервис за М1М2 податоци за одредено лице и фирма (M1M2Person) – од АВРМ, сервис за податоци за царинска декларација – од Царинска управа на РСМ, проверка на корисници на правото за социјална помош – од МТСП, податоци за лиценци за оружје од EXIM системот, тест верзија – од Царинска управа на РСМ. Во однос на реализација на активности кои произлегуваат од членство во НАТО и безбедност на информации, МВР беше дел од првата „НАТО-ЕАДРЦЦ“ меѓународна вежба која придонесe за интероперабилност на Системот за управување со кризи, а за кој меѓудругото ја воведовме и дигиталната алатка NICS – Next Generation Incident Command, напиша Спасовски.