МВР не е безбедноста во државата сама по себе, МВР и безбедноста во државата сме сите ние, и граѓаните и другите институции треба да преземат мерки од сопствената надлежност ако сакаме да бидеме ефикасни, изјави министерот Оливер Спасовски.
Оваа порака министерот за внатрешни работи ја упати денеска по примопредавањето на донацијата од возила и опрема за МВР од Федералната полиција на Германија, како одговор на новинарско прашање за безбедноста на граѓаните по се зачестените убиства што се случуваат.
Тој информираше дека во 2018 година се случиле 18 убиства, од кои само едно не е расчистено.
– Апелирам да не очекувате дека истрагите ќе ги водиме преку медиуми. Вие ќе ги поставите камерите, а јас ќе ги соопштам сите детали, иако знам дека тоа е многу интересно. Тоа од мене не го очекувајте. Кога ќе имаме конкретни информации, ние ги споделуваме со јавноста, рече Спасовски.
На прашањето колкав е временскиот период што му треба на МВР да излезе со детали за одредена истрага за расчистување на убиство, конкретно за убиството на „Рузвелтова“, Спасовски потенцира дека водењето на истрагите ќе заврши кога ќе завршат сите дејствија.
– Водењето истрага не значи градба на зграда. Тоа не е план што се прави однапред и точно секој ден да ги добивате тие податоци и информации, додаде.
Наведе дека МВР презема превентивни мерки, кои придонеле бројот на убиства да биде значително намален во споредба со претходната година.
Во однос на убиството во Сарај, информира дека МВР за убиецот и во 2014 година и во декември 2018 година има поднесено кривични пријави до Јавното обвинителстово за носење оружје.
– Таа постапка наместо да заврши со притвор оди по редовна постапка и тој е на слобода. Постојат многу вакви активности и тоа покажува дека мора системот да јакне, појасни министерот Спасовски.
Во врска со пукањето на „Партизанска“ во Скопје, информира дека е констатирано оти се работи за пукање во воздух, а не за пукање помеѓу две возила. Најави дека многу скоро МВР ќе ги има идентитетите на луѓето.
На прашање колкав е бројот на нелегално оружје во државата, министерот Спасовски посочи дека има многу претпоставки, но е многу тешко да се утврди таа бројка, посебно после конфликтот во 2001 година. Потсети дека беа организирани неколку акции за доброволно предавање на нелегалното оружје, но и можности за легализација на оружејето.
– Периодот за обновување на дозволите за оружјето го продолжуваме неколку пати. Граѓаните го имаат тоа право, меѓутоа не го користат. Едноставно не ги почитуваат роковите и покрај сите кампањи што ги водиме во јавноста, изјави министерот за внатрешни работи.
Додаде оти паралалено со одредени НВО кои работат во оваа област, многу се работи пред се на подигањето на свеста кај граѓаните, но и да се изнајдат и други механизми што би придонеле за намалување на користењето на малото-лесно оружје.
Министерот Спасовски истакна дека МВР постојано работи и презема активности за спречување на трговија со оружје и на наркотични средства.