Јас сум тука, порача Оливер Спасовски, во вечерашното издание на „Топ тема“ на ТВ Телма, како одговор на прашањето за двете кривични пријави – една од ВМРО-ДПМНЕ, втората од партијата на неговиот поранешен сопартиец, Максим Димитриевски.

„Тука сум да одговорам на сите прашања кои што се поставуваат. Има две кривични пријави од партии кои беа поднесени вчера во Јавното обвинителство. Тие кривични пријави ги сметам како политички мотивирани. Не се засновани на правото, ниту говорат нешто во однос на правото. Има институции во државата, има постапки низ кои ќе се отвори целиот процес, ќе се прибават сите документи, сите докази и врз основа на тоа ќе се носат, веројатно, и одлуките“, изјави Спасовски.

Спасовски не смета дека е лично одговорен за хаосот со издавањето на лични документи. Вели дека МВР ги преземало сите активности за промена на документите после Договорот од Преспа.

„Сите аспекти на овозможување се овозможени во тој период. Целиот тој период, и Акциски планови и управувачки комитет кој што управувал со целиот процес, сето тоа, како што е предвидено со позитивните законски прописи, така е постапувано. Апсолутно не може никого вие сами да го натерате да ги извади документите во 2021 година, во 2022 година или во 2023 година“, изјави Спасовски во топ Тема.

Вели дека биле создадени сите предуслови граѓаните на време да ги заменат документите.

Тоа што моето име и потпис стојат на сите документи за обрасци и правилници е затоа што сум бил министер во тоа време, рече поранешниот министер за внатрешни работи (МВР), Оливер Спасовски.

„И тоа е најмалку спорно. Било кој да бил министер во тоа време, ќе морал да ги спроведува сите тие постапки кои се однесуваат во делот на почитување на уставот и на законските одредби кои што ги имаме. Инаку, можностите се создадени и до 1 јули во 2021 година со издавањето на новите документи кои што се усогласени со спогодбата од Преспанскиот договор, со уставот и со законот“, рече Спасовски.

Тој рече дека по 1 јули во 2021 година не се издавале документи со стари обрасци.

„До 1 јули, односно 5, како е денот, се издавани документи. Не можете да очекувате дека спогодбата стапува на сила на 12 февруари во 2019 година и од 13 февруари некој ќе може да издаде нов документи, патен, личен, итн. со новото уставно име. Прво, треба да се изврши набавка на софтверско и хардверско решение кое што ќе ги вклопи новото уставно име и законот за јазиците. Врз основа на тоа да се изврши таа набавка, да се имплементира во системот на персонализација, да се набават новите обрасци, тие да пристигнат и врз основа на тоа да се изменат законските решенија и од моментот кога ќе стапат на сила, да се издавааат патни исправи со новото уставно име“, објасни Спасовски.