Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на својот фејсбук профил објави дека му претставува неизмерна чест и задоволство што присуствувал на канонизација за Светител на Кирил Лешочки, а воедно и одбележување на 10 години хиротонија за епископ на Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во тетовскиот соборен храм „Свети Кирил и Методиј”.
-Денеска, Светиот Архијерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, со чинот на канонизација, со кој чиноначалствуваше Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, и со Света Божествена Литургија, го вброи во редот на светиите, Свети Преподобен Кирил Пејчиновиќ, македонски просветител и црковен деец, не само на просторите на тетовско-гостиварската епархија, туку и пошироко, низ целата држава, напиша Спасовски на Фејсбук.
Впишувањето во диптихот на светиите на Свети Кирил Лешочки, како што посочува Спасовски, има огромно историско, културно и духовно значење за македонскиот народ и македонската православна црква.
– Светоста е основниот мотив за живот на христијаните, а со ваков чин се напојуваат срцата на Христољубивите души. Нека овој чин биде духовен плод – уште еден молитвен покровител за верниот македонски народ, додава тој.
Спсосвски упати најискрени честитки до Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, за големиот животен хуманитарен подвиг, за еден поинаков начин на живот, мислење и сфаќање, особено за ова време, како и за целосната предаденост кон Христа.
-Дозволете ми да споделам една мисла од Владиката Јосиф – „Децата од домовите се моето големо семејство, ако ги заборавам, сум се заборавил себе си.” Таквото милосрдие е основната добродетел во христијанството. Нека уката од Свети Кирил Лешочки и од Владика Јосиф, бидат пример во верата, во ревноста, да се проповеда спасението со кое Христос го трансформираше и човекот и светот. Нека е за многу години!, напиша Спасовски на Фејсбук.