СДСМ продолжува напред под водство на цврстата рака на мојот сограѓанин, Димитар Ковачевски, објави вечерва Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, партиски функционер и сограѓанин на новоизбраниот претседател на СДСМ.
Ја пренесуваме целата честитка објавена на официјалниот профил на Фејсбук на Спасовски:
Тоа е раката која обединува, тоа е човекот кој ќе го осигура континуитетот на успешните политики и ќе продолжи да го гради општеството, сопартиецот во чија крв се социјалдемократските вредности, кој ќе го продолжи концептот едно општество за сите наши граѓани.
Знам дека одговорно и посветено ќе ја води партијата, затоа што учеше од најдобрите. Со новото раководство длабоко верувам дека целта ќе биде остварена – со напорна работа за подобар живот на граѓаните, остварени ветувања, успешни социјални политики, унапредени социјални права! Затоа што СДСМ постои за граѓаните и работи за доброто на општеството.
За еден економист чија наобразба се надградувала на светски престижни универзитети, а работното искуство се калело во реалниот сектор, цврсто верувам дека економските политики ќе му бидат водилка, а за граѓаните тоа ќе значи продолжување на политиките за повисоки плати, зголемување на новоотворените работни места, успешна реализација на капитални проекти и успешни инвестициски приказни, растечка економија со фер шанса за сите, продолжување на реформите со силно темпо за повисок стандард на граѓаните.
Честитки за другарот Димитар Ковачевски, нека продолжи да биде храбар и одважен и како што веќе еднаш реков – делото на Зоран Заев нека биде минимумот кон кој ќе тежнее – таков лидер му е потребен на СДСМ!
А СДСМ останува со граѓаните, со потврдената социјалдемократска визија и ќе продолжиме, да нудиме вистински решенија за проблемите. Продолжуваме #Заедно, одговорно и посветено, до нови успеси за граѓаните и државата!