РС Македонија веќе две години посветено и реализирано работи на исполнување на сите критериуми што се очекуваат од нас, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
– Се заложивме да испорачаме резултати во реформите во клучни области од итните реформски приоритети како што се судството, борбата против корупција и организиран криминал, разузнавачките служби, реформата на јавната администрација, рече тој.
Спасовски ова денеска го изјави во обраќањето на вториот состанок на Управната група за преземени обврски за безбедност во рамки на Берлинскиот процес, во организација на Британското Министерство за надворешни работи и работи на Комонвелтот.
– Неспорно е дека безбедноста на разузнавачките служби има круцијална улога во заштитата на националната безбедност и почитување на владеењето на правото. Нивната цел е да се соберат, анализираат и пренесат информации што се неопходни за заштита на безбедноста, без разлика дали е тоа национална, регионална или глобална и за заштита на човековите слободи и права, со акцент на превентивната улога, рече Спасовски.
Покрај силно изразената политичка волја за целосно исполнување на препораките на Прибе, како што рече, силна мотивација со која се пристапи кон спроведување на реформите е враќање на довербата во државните институциите, довербата дека постапуваат почитувајќи го законот и во согласност со високи етички и професионалнистандарди.
– Исполнувањето на реформите во безбедносниот сектор беше еден од клучните предуслови за членство на РС Македонија во Европската Унија. Првата спроведена реформа е онаа што ја направивме во следењето на комуникации со формирање на Оперативно-техничката агенција. Втората реформа е носењето на законите за Агенцијата за национална безбедност и Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во земјава. Во целиот овој процес најважно беше агенцијата да се постави врз начела и принципи што ќе овозможат формирање модерна и ефикасна служба по примерот на европските, да се одземат полициските овластувања и да се тргне превезот на тајната полиција, од која се плашат граѓаните, а сето тоа е процес за кој треба да се крева јавната свест, посочи Спасовски.
Преку конструктивен пристап, во соработка со опозицијата и следејќи ги насоките на нашите меѓународни партнери дојдовме до, како што рече, квалитетно законско решение, кое од една страна значи гаранција на човековите права и приватноста, а од друга страна креирање предуслов за силен механизам за ефикасна борба против организираниот криминал, тероризам и закани во глобални размери по безбедноста и сигурноста на сите граѓани.
– По донесувањето на Законот за следење на комуникациите и Законот за оперативно –техничката агенција, и со донесувањето на Законот за агенција за национална безбедност ги заокруживме реформите во безбедносниот сектор што со години меѓународната заедница ни ги препорачува и се еден од условите на нашиот евроатлански пат, рече Спасовски.
Тој потенцира дека нашата држава е сигурен и стратешки партнер што знае да се придржува на договор, да ги исполнува своите обврски и очекува дека Македонија ќе добие поддршка од земјите членки на ЕУ.
– Тоа е важно за и нас и за целиот овој регион. И добра порака за сите е дека овие простори треба да бидат во силно партнерство со ЕУ, рече Спасовски.