Почестен сум што го имав задоволството денеска да го потпишам првиот договор помеѓу РСМ и ЕУ на македонски јазик, објави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
– Среќен сум што покажавме дека еднаквоста доаѓа преку разбирањето дека сите работиме за заедничка цел – во интерес на заедницата, на граѓаните. Македонскиот народ сега веќе го препознава единството, станува реален сведок на заедничката европска визија, здружен со сите европски народи. Или, од аспект на Договорот за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за Европската гранична и крајбрежна стража (ФРОНТЕКС) во РС Македонија – тоа ќе значи безбедни граници на нашата држава, автоматски зајакната безбедност на македонските граѓани, а со тоа и зачувување на границите и безбедноста на државјаните на Европската Унија, објави Спасовски на својот официјален профил на Фејсбук.
Партнерство, се додава во објаватата на Спасовски, кое носи ВИН-ВИН ситуација!
– Со други зборови, брзото распоредување на персонал и опрема на ФРОНТЕКС или странски полициски службеници на критични точки на границите, од една страна ќе овозможи ефикасно управување и справување со предизвиците од миграцијата, но од друга страна ќе претставува и зајакната заштита од потенцијални закани поврзани со сериозниот криминал со прекугранична димензија. Договорот со ФРОНТЕКС претставува гарант за имплементација на највисоките стандарди на интегритет, етичко однесување, професионализам, како и почитување на основните права и обврски од претходно договорениот оперативен план од страна на сите учесници во оперативните активности, вели Спасовски во објавата.