Ги поставивме основите за правна држава и сега е на ред правосудството да се прочисти од корумпирани судии и обвинители, изјави денеска Оливер Спасовски, носителот на листата на Коалицијата „Можемe” во ИЕ 2.
Во изминатиот мандат како што наведе Спасовски, тие докажале дека нема да има нарачени пресуди, тефтерчиња и „Ало судија”.
– Ние, во изминатите три години работевме на свеста и на одговорноста на извршната власт – никој да не помисли да се меша во работата на правосудната власт, како што тоа се случуваше во мрачните времиња на режимот. Го донесовме Законот за јавно обвинителство што гарантира дека сите предмети со висока корупција, мора да имаат судска разрешница. Во нашата програма се обврзуваме на ред, дисциплина и правда. Прв приоритет во овој дел е прочистување на правосудството, во кое што се наоѓаат остатоци од груевизмот, изјави Спасовски.
Судиите и обвинителите според него имаат обврска да испорачаат владеење на правото, во кое што законот е еднаков за сите.
Тој истакна дека купување правда, монтирани случаи, жртви на режим е минато, односно како што потенцира Спасовски, секој кој ќе се дрзне да се вмеша во такво нешто, па дури и да се тоа обвинители и судии, ќе мора најде под лупата на правдата.
– Нашата држава влезе во НАТО и следува отворање на преговорите со ЕУ, каде во првите поглавја е правосудството и почитувањето на човековите права. Правдата не е избор, туку должност на оние кои во име на граѓаните ги водат институциите, поради што имаат и обврска да се отчетни, транспарентни, чесни и правични пред себе и пред граѓаните и пред државата, изјави Спасовски, кој додаде дека СДСМ така работи и цели кон ЕУ, односно така мора да работи и правосудството.
Програмата од Коалицијата „Можеме”, како што рече Спасовски, се обврзува на ред, дисциплина и правда.
– Тоа значи сигурност. Спротивното е опасност: обнова на режим, нови закани, нови уцени, монтирани судски пресуди, пусти надежи на Груевски, обновен во Мицкоски, изјави Спасовски по средбата со граѓани во скопската општина Гази Баба. .
Спасовски, кој моментално ја врши функцијата техничките премиер, рече дека назад веќе нема, на прав пат сме да обезбедиме вистинска правна држава и дека ќе продолжат да работат во таа насока, уште повеќе и уште подобро.